Според Ангела Мицајкова, инструктор по јога од 108 Yoga House, правилното дишење е едно од најважните витални функции што може да го подобрат физичкиот и менталниот пејзаж на човекот. „Да научиш да дишеш правилно, би рекла, е најголем дар. Добар инструктор по јога, најпрво ќе те научи добро да дишеш, да си го слушаш и следиш дишењето, за да достигнеш состојба на спокој и трпение“, вели таа. Нејзиното долгогодишно навлегување во јогата ја има научено дека начинот на кој дишеме е многу тесно поврзан со нашите емоционални состојби. „Дишеме различно кога сме лути, возбудени, уморни или нервозни. Сепак, со користење на соодветни техники на дишење, можеме да ја смениме нашата физичка или емоционална состојба“, објаснува Мицајкова...