Запросување на Македонка на зајдисонце во Кападокија, со балони во позадина (фото)
- Детали
- четврток, 11 ноември 2021
„Драгана е романтичен тип, таа не можеше да насети дека се подготвува запросување бидејќи секогаш и насекаде каде што сме патувале сум ѝ подготвувал романтични моменти и помали или поголеми изненадувања …“, раскажува Михајло за CRNOBELO.com.
Михајло, спортски новинар од Скопје, ја запроси својата сакана Драгана на зајдисонце во Кападокија.
Запросувањето се случило на 11 октомври за време на патувањето, кое траело од 7-ми до 13-ти минатиот месец.
Михајло споделува детали од својата љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Нашата љубовна приказна започна пред една деценија, истата беше исткајана со многу убави моменти, голем број на патувања, заеднички спомени, посета на разни локации и локалитети.
За Кападокија како локација се одлучив бидејќи станува збор за несекојдневна локација за запросување и неескплоатирана во нашата земја, сакав тој момент по една деценија врска да биде на специјално место.
„Долината на љубовта“ во Кападокија беше идеална локација, поради романтичните моменти на изгрејсонцето кога првите сончеви зраци паѓаат на неа, заедно со стотиците балони кои се локална атракција, романтичната атмосфера, несекојдневноста.
Самата Кападокија како место за посета е магично, тоа е место каде што се земјата и глината се култни, има остатоци на стара ранохристијанска цивилизација, потоа средновековна и на крајот отоманска што особено ѝ се допаѓаше на мојата партнерка.
Многу објекти, локали, хотелско сместување се во природни отвори во карпите (пештери), што дава посебно и единствено чувство при посета на ова локација.
Она што сакав и замислив од Скопје успеав да го реализирам на терен, а особено од помош ми беа пријателките кои ми помогнаа во реализијата на чинот, а кои ги запознав на самото патување.
Mоментите кога балоните го „параат“ небото над долината, изгрејсонцето донесува разни топли нијанси на бои кои паѓаат врз камените природни фигури создадени низ вековите, беше идеално за судбоносното прашање.
Девојка ми е романтичен тип, таа не можеше да насети дека се подготвува запросување бидејќи секогаш и насекаде каде што сме патувале сум ѝ подготвувал романтични моменти и помали или поголеми изненадувања. Романтиката е дел од нашата долгогодишна врска, тоа е една од работите кои се наше секојдневие.
Кападокија ни понуди многу како локација за патување, таа засекогаш ќе биде дел од нашиот живот поради тоа што овој чин (запросувањето) се случи токму таму.
Тоа е една од највпечатливите локации кои сме ги посетиле досега и тука ја крунисав својата љубов со Драгана.“
Повеќе фотки од запросувањето:
С. С. | Црнобело