Запросување со параглајдер: Љупчо од Кичево со прстен ја дочека свршеницата, кога таа слета на земја
- Детали
- вторник, 13 август 2024
„Валериa толку многу беше изненадена што во моментите пред да слета мислела дека упропастила запросување на некој друг“ – вели за CRNOBELO.com Љупчо од Кичево, кој клекна на едно колено пред својата свршеница во моментот кога таа слета со параглајдер на земја.
Љупчо Цветаноски (24) од Кичево ѝ приреди спектакуларно запросување на својата свршеница Валериа (22).
Ѝ ја исполни желбата, запросувањето да биде адреналинско, со доза на романтика.
Додека таа леташе со параглајдер, тој со помош на блиските совршено го уредил просторот каде што требало да слета, а потоа клекнал на едно колено пред неа.
Во изјава за CRNOBELO.com Љупчо ни раскажа како започнала нивната љубовна приказна и како дошол до идеја да ја запроси саканата на романтичен и возбудлив начин.
Љупчо е софтверски инженер, а Валериа, која е по потекло од Кочани е студентка на Факултетот за царина и шпедиција во Охрид, и од септември веќе ќе ја започне последната година од студиите.
Тие двајца се во врска 2 и пол години, а се запознале во кантината на студентскиот дом во Охрид, во периодот кога и Љупчо бил студент.
Веќе имале разговарано за брак во повеќе наврати, но Љупчо вели дека постојано ѝ алудирал на саканата дека тоа најверојатно ќе се случи следната година.
„Кога и да се работело за важни чекори во нашата врска, секогаш сме разговарале и заеднички сме донесувале одлуки кога и двајцата сме се чувствувале подготвени за тоа.
Овојпат, иако Валерија беше подготвена, таа не знаеше конкретно кога ќе се случи запросувањето, а јас алудирав дека тоа би било веќе од следната година, така што апсолутно може да се каже дека чинот беше целосно изненадување“ – раскажува Љупчо.
Тој вели дека идејата за запросувањето ја добил откако Валериа во една пригода му спомнала дека би сакала тој момент да го доживее со адреналин.
„Прстенот успешно го скрив во едно од моите зимски одела.
Интересно е да се каже дека Валериа е голем љубител на рози, па се потрудив кутијата каде што впрочем стоеше прстенот да биде во форма на ружа“ – ни појаснува Љупчо.
За сè да биде како што треба во моментот кога Валериа ќе слета со параглајдерот, Љупчо имал голема помош од нејзината другарка, која била дојдена на гости и им понудила сите тројца заедно да одат на параглајдинг, но и од други блиски и пријатели.
„Неколку мои пријатели заедно со нејзината сестра, ми го донесоа прстенот од дома, го наместија цветниот аранжман и црвениот ќилим, ги чуваа факелите, и се потрудија целата ситуација да биде снимена со дрон и со телефон.
Како за крај, сето ова не би било возможно без целокупната професионалност на членовите и пилотите на Paragliding Ohrid“ – раскажува нашиот соговорник.
За тоа каква била реакцијата на Валериа и дали била изненадена од самиот чин на запросување, Љупчо вели:
„Толку беше изненадена што во моментите пред да слета мислела дека упропастила запросување на некој друг“.
Погледнете го видеото од запросувањето:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело