Бајковито запросување на Македонка - среде пустина, на зајдисонце во Дубаи (фото)
- Детали
- четврток, 23 септември 2021
Мимоза Коцева (23) доживеа совршено запросување во Дубаи од страна на својот партнер Павел Баришев (24), по националност Русин, но живее во Узбекистан. Мимоза ги споделува деталите за нивната љубовна приказна „во куфери“ за CRNOBELO.com…
Мимоза Коцева (23) ја доживеа својата љубовна бајка среде пустина во Дубаи. Во лелеав црвен фустан таа му кажа „да“ до крајот на животот на нејзиниот избраник Павел Баришев (24).
Со цвеќе, клекнување на едно колено и совршено зајдисонце, нивниот најзначаен миг е овековечен на прекрасен начин.
„Кажав да на нова авантура и на ново поглавје од мојот живот. Нека нашата љубов ја има формата на мојот свршенички прстен – без почеток и крај, совршен и бескраен“, напиша Мимоза во описот на фотките кои им ги направил фотограф од Дубаи.
За CRNOBELO.com таа открива детали за нивната љубовна врска и за запросувањето:
„Со Павел сме заедно од 2018 година. Се запознавме во Америка за време на Work and Travel програмата.
Тој по националност е Русин, но живее во Ташкент, Узбекистан. Јас живеам скоро две години во Минхен, Германија и иако ваквата врска на далечина за некого би претставувала проблем, за нас е интересна авантура.
Наоѓавме начини да се најдеме на половина пат, некаде во Турција, или пак јас во Узбекистан или тој во Германија, само да би можеле да се видиме. Но, за среќа, тој доби дозвола за престој оваа година и официјално се пресели во Германија во март за да живееме заедно. Инаку, меѓусебно комуницираме на англиски јазик.
Ја имав среќата на нашиот годишен одмор да бидам запросена и да остане значаен белег кој ќе го паметам до крајот на животот.“