Македонка освои бронза на првенство во џудо и уште 4 позитивни вести што нè израдуваа оваа недела
- Детали
- петок, 11 октомври 2024
Нашиот познат кардиолог Сашко Кедев, кој е страстен алпинист, направи уште еден голем успех во својата алпинистичка кариера. Кои други позитивни вести ја одбележаа оваа недела?
Оваа недела беше во знакот на успесите на македонските спортисти и најавата за нови учества на спортистите на меѓународни натпревари...
Покрај бројните неубави информации и „црни“ приказни, кои позитивни вести ги одбележаа изминатите неколку дена?
Нов подвиг на кардиологот Сашко Кедев
Нашиот познат кардиолог Сашко Кедев, кој е страстен алпинист, направи уште еден голем успех во својата алпинистичка кариера.
Овој пат д-р Кедев го искачи врвот Шишапангма, кој е висок 8.027m и се наоѓа во Тибет.
За Кедев ова е 12-ти врв над 8.000m, а годинава ги искачи Макалу, Лоце и Гашербрум 2.
Како иден предизвик за Кедев се уште само врвовите Кангченѕунга (8.586m) и Гашербрум 1 (8.068m), а кога ќе ги искачи нив ќе го комплетира предизвикот да ги искачи сите врвови во светот кои се над 8.000m.
Ива Богдановска освои бронза на Балканското првенство во џудо
Македонските џудо репрезентативци имаа одличен настап на Балканското првенство за јуниори, кое се одржа во Тирана, Албанија.
Нашата Ива Богдановска освои бронза, а во борбата за медал беше поуспешна од репрезентативката на Грција.
Александар Дадар - прв Македонец во жирито на изборот Top Model Europe
Нашиот познат шминкер Александар Дадар стана првиот Македонец кој беше член на жирито на изборот Top Model Europe, кој се одржува во Париз.
Дадар сподели неколку фотографии од изборот, а откри и дека на самиот настан своја ревија одржала македонската креаторка Моника Димова.
„Имав чест да бидам во жири на изборот Top Model Europe, кој и оваа година се одржа во градот на светлината.
Манифестацијата ја отвори нашата талентирана дизајнерка Моника Димова.
Од следната година ќе имаме и наши претставници, а кастинзите ќе бидат на 17.11 во Скопје“, напиша Дадар на Инстаграм.
Стоечки аплаузи за екипата на Битолскиот театар на фестивал во Полска
Во Бјалисток, Полска, беше изведена претставата „Хамлет-денот на убиствата“, на Битолскиот театар.
Тие беа дел од Интернационалниот фестивал Direction east, кој се одржуваше од 30.09 до 07.10.
По претставата, тие беа испратени со стоечки овации од полската публика.
Во претставата играат: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ, Валентина Грамосли и Викторија Степановска Јанкуловска.
Тројца каратисти заминаа на Светското првенство за кадети
Тројца македонски каратисти: Симон Михајловиќ, Зоран Смилевски и Марин Пенџерковски, заминаа во Италија.
Тие се во Венеција и ќе учествуваат на 13-тото Светско првенство за кадети, јуниори и У21 (помлади сениори).
А. Ј. | Црнобело