Гордост македонска: Тројца средношколци освоија бронзени медали на Интернационалната Олимпијада по информатика 2020
- Детали
- понеделник, 28 септември 2020
Се радуваме на успесите на младите во нашата земја – на Интернационалната Олимпијада по информатика чиј домаќин годинава беше Сингапур, а се одржа онлајн, тројца наши средношколци успеаја да добијат бронзени медали и нѐ направија горди!
На 32-рата по ред Интернационална Олимпијада по информатика (ИОИ 2020), која од 13-ти до 23-ти септември се одржа во форма на онлајн натпревар, тимот на Македонија беше составен од учениците Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шеќеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Овие момци дефинитивно нè направија горди и ја заслужуваат секоја почит! Сакаме кога гледаме млади таленти од различни области кои се упорни и сакаат да стекнуваат нови знаења и истите да ги покажуваат на интернационално ниво, претставувајќи ја својата земја во најдобро светло.
За време на тренинг сесиите, како и за време на натпреварот, секој од нив одржува безбедна дистанца и носи заштитна опрема.
ИОИ важи за најпрестижниот интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400.000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.
Нашите средношколци постигнаа одличен успех и ја претставија нашата земја на високо ниво, што е навистина за восхит и заслужуваат да го добијат потребното внимание.
Официјален домаќин на ИОИ 2020 беше Сингапур, а главен организатор е Националниот Универзитет на Сингапур, со поддршка од Министерството за Едукација на Сингапур. Заради пандемијата со COVID-19, како и многу други настани оваа година, така и Интернационалната олимпијада по информатика се спроведуваше за првпат онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери.
Македонскиот тим составен од четворица учесници се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Сингапур.
Годинава на ИОИ учествуваа вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, трите бронзени медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп, Андреј Шеќеров од Скопје и Андреј Величковски од Куманово.
Четвртиот од нашиот тим, Тео Китановски, учествуваше за првпат на ИОИ и ова беше одлично искуство за него што ќе му послужи за ваквите настани во иднина.
ТУКА може да ги погледнете официјалните резултати.
Инаку, освен оваа година, и низ годините во минатото Македонија постигнувала завиден успех на оваа Олимпијада. Од првото учество како независна држава во 1996-та година, нашите учесници неколкупати се издвојувале пред останатите земји со слична големина, но и во однос на поголемите земји учеснички на ИОИ.
Досега учесниците од Македонија имаат освоено вкупно 2 сребрени и 21 бронзен медал! Браво и секоја чест за сите учесници кои досега ја претставувале нашата земја на овој престижен натпревар.
М. М. | Црнобело
Фото: Фејсбук на Здружение на информатичари на Македонија