7-минутен молк, свеќи и цвеќиња за жртвите во пожарот – Толпа млади оддадоа почит на заеднички час на платото на УКИМ
- Детали
- понеделник, 17 март 2025
„Се собравме соочени со тага, што зборовите едвај можат да ја опишат. Неподнослива е болката да се изгуби некој толку полн со живот чиј пат штотуку започнал“ - рече ректорката на УКИМ, на собирот каде дождот не беше пречка за стотици млади да го наполнат целото плато пред УКИМ и со 7-минутен молк како почит кон прерано згаснатите животи во Кочани, да го започнат заедничкиот час со кој изразија поддршка и солидарност.
Толпа млади, меѓу кои студенти и ученици од средните училишта, денес се собраа пред платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод заеднички час, на кој оддадоа почит кон жртвите кои го изгубија својот живот во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.
На социјалните мрежи, од Студентското собрание на УКИМ, известија дека во текот на целата недела ќе има организирани собири низ кампусите на УКИМ, за оддавање почит и изразување поддршка за жртвите, а дополнителни информации ќе бидат објавени на нивните профили.
Заедничкиот час тие го започнаа со 7-минутен молк за прерано згаснатите животи во кобната дискотека, каде бројот на жртви досега е минимум 59 лица.
Дождот не беше пречка за огромна толпа од млади луѓе, но и сите останати граѓани, да го наполнат целиот простор на платото сплотени, каде се оставаа цвеќиња, се палеа свеќи и се потпишуваа во книга на жалост, а беше оставена и кутија за донации.
Ректорката на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, се обрати со тага до присутните, дел од нејзиниот говор во продолжение:
„Никогаш ни во најтешки моменти, не помислив дека треба да се обратам во ваков тежок момент и да одржам тежок и тажен говор.
Се собравме соочени со тага, што зборовите едвај можат да ја опишат. Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што никогаш не оздравува, тишина што одекнува во срцата на оние што останале.
Кога младите си заминале прерано, не жалиме само за нивното заминување, жалиме и за соништата што нема да се остварат, смеата што нема да се слушне, иднини кои засекогаш ќе останат ненапишани.
Тие беа синови и ќерки, браќа и сестри, пријатели, соученици, секој од нив уникатен, сакан. Неподнослива е болката да се изгуби некој толку полн со живот чиј пат штотуку започнал.
Си го поставуваме прашањето зашто, но нема лесни одговори. Нема зборови што може да ја опишат болката. Минатата година, пред 6 месеци, точно на ова плато, ви се обратив со радосни емоции, не претпоставувајќи дека за кратко повторно ќе се обратам, но волку тажно.
Занемени сме од тага, шок, неверување. Во овој момент не останува ништо друго освен да покажеме наше заедништво во болката, поддршката на семејствата.
Од името на универзитетот и мое лично име, изразувам најдлабоко сочувство на семејствата на жртвите. Ве повикувам сите заедно да покажеме хуманост и солидарност.
Во овие моменти на голема трагедија и болка, зборовите изгледаат премалку. Но сепак се потребни за да покажеме дека сме тука да поддржиме и да дадеме сила на оние кои ги изгубија своите најблиски“.
M. M. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





