„Утрово качив во автомобил тројца непознати - чекале 45 минути автобус на ладново“ - Скопјани се солидаризираат
- Детали
- четврток, 21 ноември 2024
„Нема автобуси! Бидете хумани, добри луѓе качете и вие некого и однесете го/ги до одредената локација. Ладно е!“ - Скопјани утрово масовно шират апели до своите сограѓани со автомобили да им помогнат на луѓето кои останале на постојките во надеж дека ќе дојде некаков автобус. Други споделуваат, како им помогнале на оние што чекаат.
Скопје утрово се разбуди без нормален автобуски превоз.
Скопјани се снаоѓаат кој како знае и умее за да одат на работа. Некој со такси, некој со пријатели, со блиски, со колеги…
Но, велат дека на маката најлесно може да се забележи хуманоста на луѓето.
Така, додека некои тажно чекаа и мрзнеа на автобуските постојки, некои со автомобилите нервозно ги одминуваа… Метеж е…
Да, јасно ни е на сите, дека е метеж, затоа што без јавен превоз, бројот на автомобили дупло повеќе се зголемува, но тоа не е причина да ги заборавите и оние што не се снашле во ситуацијата.
За среќа, се покажа дека во овој град има и голем број хумани луѓе, кои не можат да ги одминат оние што се нашле на мака.
На социјалните мрежи уште минатата ноќ топ тема беше недостатокот на автобуси, па скопјани и скопјанки масовно почнаа да се солидаризираат и да си помагаат за превоз.
Две дами уште синоќа на Фејсбук групата „Женски домажински муабети“ објавија дека се подготвени утрово да им помогнат на оние што немаат превоз за работа и попатно да ги земат со своите автомобили, а оваа нивна објава беше поздравена од голем број следбеници.
„Бидете си скопјани на дело. Утре помогнете им на луѓе кои немаат автобус да одат на работа. Застанете на автобуски и качете ги луѓето до одредено место во ваш правец. Ајде скопјани, покажете дека можеме“ – стоеше во еден од апелите на социјалните мрежи.
Утрово на Фејсбук групата „Стари скопјани“ членовите масовно споделуваат апели до сограѓаните да не ги одминуваат луѓето што чекаат автобуси на постојките.
„Утрово со кола одејќи накај работа, застанав и качив 3-ца од станица и ги однесов до работа. Луѓето чекале 45 минути автобус на ладново!!! Бидете хумани, добри луѓе качете и вие некого и однесете го/ги до одредената локација. Ладно е… Нема автобуси!!!“ – стои во една од објавите.
Хуманоста на дело ја покажа и нашиот познат ТВ и радиоводител Ване Маркоски, кој на Фејсбук им понуди превоз на оние што одат во ист правец со него.
https://www.facebook.com/vane.markoski/posts/pfbid02GqNf65mi6ebpNq2dtnBG1Yvu1ZQo2rSNndQJaLxidGBmkFRDAQuBfLZyp9iw27JDl
Во коментарите голем број луѓе пишуваат дека уште во текот на вчерашниот ден качувале премрзнати луѓе кои чекале автобус со часови.
Пред да одминете некого на автобуска станица, помислете дека никој не сака да мрзне на улица „чекајќи го автобусот“, туку нема друго решение.
Да си помогнеме едни со други, колку можеме.
Прочитајте и Утрово на работа стигнав со „автостоп“ заради хаосот во Скопје – како една непозната жена и нејзиниот сопруг ми го разубавија денот?
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com