Ивана Кнез: „Мудрував како да се ослабе, а си го колабирав организмот до фаза на клиничка смрт“
- Детали
- вторник, 21 јануари 2025
„Не 'ждери', не јади затоа што те изневерува партнерот, зашто не ти оди на работа или не си среќна“, вели дизајнерката, која откри дека и самата правела огромни грешки во минатото во однос на исхраната.
Модната дизајнерка Ивана Кнез, која со години мака мачеше со вишокот килограми, денес има извајана фигура, каква што вели дека одамна посакувала.
Ивана открива дека ова што е денес е резултат на физичка активност и на исхрана која ѝ одговара на неа и на нејзиниот метаболизам, а не некои пропишани диети кои ги практикувала во минатото и кои довеле до колапс на нејзиниот организам.
Поучена од грешките што ги правела во исхраната, од прејадувањето, алкохолот и цигарите, таа раскажа дел од своето лошо искуство поради кое долго време поминала по болници.
Целата своја лична приказна, Ивана ја дополни со рецепт за колач со боровинки, поттикната од сопствената желба да проба нешто благо, а здраво.
Па, во објавата на Инстаграм, Ивана напиша:
„Многу често ме прашувате што јадам и како ослабев. Многу ми е жал што на голем дел од жените денес слабеењето им е сè уште главен проблем во делот за себе грижа.
И уште повеќе ми е жал што и јас бев дел од една група што 'солеше' памет како да се ослабе по интернетов.
За мене, веќе во овој стадиум, после сите поминати ужаси по нашиве болници, храната е здравје. И освен сама себе не слушам никого.
Тоа што јас можам сега да го направам за вас, е повремено да споделам некој оброк што можеби ќе ве инспирира да се повикате на сопственото здравје и да повлечете линија во исхраната.
Нашето тело ни кажува сè, ако внимателно слушаме.
Јас бев и веган 5 години и вегетаријанец 8 години, пушев и бев зависна од алкохол како половина наше општество, имам пробано скоро па сè и сè тоа го направив во погрешно време и на погрешен начин и го колабирав организмот до степен на клиничка смрт.
Сега се слушам само и единствено себе, читам многу, секогаш читам од повеќе извори за една информација, ништо не врзувам во крпче.
Сè правам од око кога ќе посакам, па така вчера ми се пријаде торта - еве мој предлог за лесна опција.
Околу 300g урда, околу 100g грчки јогурт, околу 100g пченкарно брашно, 3 јајца, боровници по желба, две лажици мед, рендана кора од лимон и половина лимон се меша и се пече околу 25-30 минути (си ги знаете рерните одредете температура вие)!
Единствен совет кој го имам за секоја од вас која сака да ослабе е - не 'ждери', јади кога физички ќе си гладна.
Не јади затоа што те изневерува партнерот, не јади затоа што не ти оди на работа, не јади затоа што не си среќна - вежбај за овие причини и реши си ги проблемите.
А јади затоа што си гладна, затоа што на телото му треба квалитетна енергија за да ти ги износи сите стресови на денот.
Јас не јадам шеќер и брашно заради здравје, можеш да си слаба и да продолжиш да ги јадеш.
Количината ќе те ослабе, квалитетот ќе те оздраве. Ве љубам“.
Погледнете ја објавата на креаторката Ивана Кнез:
А. Ј. | Црнобело