Елена од гевгелиско вдоми уште еден штрк: „Деца со стапови го тепале, морав да го спасам“
- Детали
- среда, 03 јули 2024
„Вториот штрк го најдов прегладнет и многу жеден. За среќа моја пријателка го заштитила во дворот бидејќи деца го мавале со стапови“ – вели за CRNOBELO.com Елена Алексовска од гевгелиско која минатата година вдоми штрк, а сега ја раскажува неверојатната приказна како спасила уште една ваква птица.
Елена Алексовска од гевгелиско, повеќе од година и половина се грижи за повреден штрк, кому му го даде името Мишко, а сега на социјалните мрежи се пофали дека во нивното семејство има уште еден член, односно дека вдомила уште еден штрк.
Двата штрка во домот на Елена
За CRNOBELO.com Елена ја раскажа приказната како успеала да го спаси и вториот штрк, кој овојпат не бил нападнат од неговите родители, туку од несовесни деца кои се изживувале со него.
Елена со штркот Мишко
Вчерашниот ден (02.07) Елена ќе го помни долго, затоа што, како што ни раскажа била излезена од дома, кога нејзината пријателка Љубица ѝ се јавила и ѝ рекла да дојде побрзо кај неа затоа што таму дошол нејзиниот штрк.
Пријателката, на која Елена ѝ е бескрајно благодарна, го задржала штркот во дворот со цел да го заштити од несовесните дечиња кои го мавале со стапови.
Новиот штрк во домот на Елена, непосредно откако го спасила
Елена вели дека првично била збунета од повикот на пријателката, затоа што нејзиниот штрк Мишко вообичаено не се оддалечува толку многу од својот дом, но сепак отишла да види што се случува.
„И така отидов до Љубица, ама во дворот го немаше штркот, иако пријателката се потрудила да го заштити во нејзиниот двор бидејќи деца со стапови го мавале, и така си тргнав кон дома, па таа беше разочарана...
Но, на само 10 метра од нејзината куќа го здогледав штркот и веднаш го зедов дома кај мене.
Тој беше прегладнет и многу жеден“ – раскажува медицинската сестра во пензија...
Штркот Мишко
Вели дека новиот штрк не бил повреден, за среќа, но бил извалкан во кал и истоштен, а многу е веројатно дека станува збор за млада птица која се испилила оваа пролет.
Таа со нас сподели неколку фотографии на кои се гледа дека во моментов двата штрка се заедно во нејзиниот двор, а како што напомена, ќе биде упорна со цел тие да се социјализираат и да се дружат.
Новиот штрк - избањат и нахранет
Ова воедно беше и една од најголемите желби на оваа гевгеличанка, која уште пред неколку месеци ни појасни дека е решена на штркот Мишко да му најде друштво за да не биде постојано сам, затоа што е познато дека овие птици секогаш одат во парови.
Новиот штрк во домот на Елена, непосредно откако го спасила
Тогаш Мишко беше прегледан од ветеринар, а Елена во изјава за CRNOBELO.com нагласи:
„Ветеринарот констатира дека штркот е здрав, добро нахранет, со добро живеалиште, опкружен со љубов од мачките и трите кучиња. Само би сакала да вдомам уште еден штрк за да има друштво“.
Новиот штрк - избањат и нахранет
Погледнете уште неколку фотографии од двата штрка во домот на Елена:
За тоа како Елена почнала да го чува штркот Мишко и како го спасила од родителите кои го исклукале прочитајте повеќе ТУКА.
Б. С. Б. | Црнобело