Македонскиот фотограф Badstef направи ексклузивен моден едиторијал во Кан: „Me покани дизајнерот Филип Плајн“
- Детали
- петок, 31 мај 2024
„Ние бевме единствени од Балканот кои присуствуваа на ревијата и забавата на дизајнерот Филип Плајн во Кан. Со мене беа моите пријателки и соработнички Наташа Фигурела и Маја Тино. Двете изгледаа прекрасно и отмено на забавата, со одличен стајлинг“, вели за CRNOBELO.com фотографот Стефан Соколовски.
Македонскиот фотограф Стефан Соколовски, кој гради интернационална кариера и фотографира за познати светски брендови, изминатиот период беше во Кан, каде што уживаше во убавините на француската ривиера, а изработи и неколку фотосесии.
Стефан, познат како Badstef, во Кан ја продолжи соработката со познатиот дизајнер Филип Плајн.
Тој неколкупати претходно правеше модни едиторијали за Плајн во Милано.
Овојпат, на покана на дизајнерот, Стефан отиде во Кан каде што направи фотосесија со моделите од најновата колекција на Плајн, за сезоната пролет/лето 2025.
На ова патување со Стеф беа и Македонките Наташа Фигурела и Маја Тино.
За впечатоците од Кан, приватни и работни, тој раскажа за CRNOBELO.com:
„Ревијата на Филип Плајн се одржа во Кан, во неговата приватна вила на Азурниот брег.
Тој и неговиот тим ја одбраа оваа локација за презентација на неговата најнова колекција пролет/лето 2025, под името Plein Cruise.
Имаше одлични долги фустани во негов препознатлив стил со многу детали и скапоцени камења, а лично, огромен впечаток ми оставија металик чантите кои се многу ефектни.
Мојата соработка со брендот Philipp Plein трае веќе неколку сезони и едвај чекам да ги споделам фотографиите од најновата кампања кои ги направив во вилата, со врвните модели кои беа избрани за оваа ревија.
Една од најпознатите модели беше Софија Ресинг, која изгледа беспрекорно во живо, исто како и Ди Мирјан, која е многу грациозна.
По ревијата имаше забава која беше магична и нереална. Владееше холивудска вибрација и имав чувство како да сме во Лос Анџелес поради целата атмосфера во вилата.
Самиот простор беше декориран одлично, а луѓето кои цел ден ја подготвуваа локацијата за настанот беа врвни професионалци.
Имаше многу светски познати личности, но најмногу од Бразил, Италија, Русија, Америка и Франција.
Ние бевме единствени од Македонија, односно единствени од Балканот кои присуствуваа на ревијата и забавата.
Овој пат во моја придружба беа моите пријателки и соработнички Наташа Фигурела и Маја Тино.
Двете изгледаа прекрасно и отмено на забавата, со одличен стајлинг.
Додека бевме во Кан, со Наташа и Маја фотографиравме кампања за позната дизајнерка од Србија која живее во Лос Анџелес, а соработува со светски познати ѕвезди како Бијонсе и Сијара.
Покрај Кан, патувањето го искористивме и за посета на Монте Карло и трката во Формула 1.
И таму имаше прекрасна атмосфера, па слободно можам да кажам дека Азурниот брег е секогаш одлична идеја и секогаш се враќам оттаму со неверојатни импресии“.