Македонскиот фотограф Badstef: „Најтешко се работи со личности кои стекнале инстант слава, не трошам над 1.000 евра за облека“
- Детали
- недела, 19 ноември 2023
„Неодамна имав непријатна случка со една наша позната водителка на вести, кампања за Канал 5 Телевизија каде што јас упорно ѝ го заборавав името, односно погрешно ѝ се обраќав и тоа предизвика солзи и смеа кај сите присутни на сет“ - раскажува Стефан Соколовски (26) познат како Badstef, кој работи како моден фотограф.
Фотките на Стефан Соколовски, познат како Badstef се вистински „ремек дела“. Последно го воодушеви светот со едиторијалот со Мадалина Генеа за Philipp Plein.
„Имам сработено едиторијали во над 25 држави низ 5 континенти - Европа, Америка, Русија, Африка и Азија, и над 20 насловни за светски модни списанија.
На почетокот повеќе бев фокусиран и на уметнички фотографски изложби и имам изложувано свои дела низ сите соседни држави на Балканот.
Омилени градови во кои имам работено и се движам почесто работно се Милано, Виена, Мадрид, Белград и Загреб“.
Прочитајте го интервјуто со Стефан за CRNOBELO.com:
Кога почна да работиш како фотограф? Се сеќаваш ли на првата фотосесија? Колку беше успешна? На кого „се учеше“ да фотографираш?
Секако! Тоа беа фотосесии со мои со соученички и пријателки од средношколските клупи и средношколските денови. Тогаш ги откривав магиите и чудесите и самата моќ на еден фотоапaрат.
Почнав првo со пасија и страст за цртање и подоцна тие портрети почнав да ги фотографирам и да ги доловувам во реалност.
Ден-денес кога ќе погледнам некои од тие фотографии се чудам дали сега воопшто можам и сум способен да направам такви. Според мене, тие фотографии од тоа време се исклучително успешни и драги за мене лично.
Помина ли долго време пред да почнеш да создаваш име за себе и да соработуваш со македонските јавни личности?
Па имаат поминато цели 10 години, односно цела деценија. Еве, ова веќе е всушност 11-та година.
Соработката во македонските јавни личности беше „WOW“ на самиот почеток и нешто неверојатно, но постепено почнав да работам и со српската естрада и во Хрватска исто така, бидејќи нашиот пазар и естрада е значително мала.
Исто така, желбите да работам со личности од светската, европската и американската поп сцена се сѐ уште присутни.
Кого фоткаш најчесто?
Тоа секогаш зависи од сезона, од инспирација и од побарувачка од клиенти за одреден модел или личност која сака да ги презентира низ кампањите преку мои фотографии.
Низ мојата кариера сум имал многу, многу музи, но секогаш сакам да работам со различни ликови и всушност целата таа разноликост најмногу ме инспирира.
Во последната година најчести модели со кои работам се од Србија - Ива Гргуриќ и Јасмина Шупељак.
Со кого имаш најубава, најлесна соработка и завршувате сè „за 5 минути“?
Тоа се сите мои блиски драги соработници, сите со кои имам сликано веќе неколкупати и чија енергија ми годи.
Всушност, кога ќе размислам, така е со 80% од случаите бидејќи веќе со сите имам соработувано или се познавам приватно и така лесно течат работите.
Секогаш гледам да биде вклучен добар тим во самата сесија и тоа е нешто што е клучно за успешна работа.
А, кој е најкрут, најтежок, незадоволен и тешко можеш да извлечеш добра фотографија?
Хм... тоа најчесто се личности кои се стекнати со инстант слава и се на некој меѓу период или во време на кулминација на слава и имаат големо его.
Се имам среќавано со таков профил на личности и некогаш знае да биде проблем нивната недоверба или скептичност, но лесно се справувам со тоа.
Знае да биде тешко кога ќе се појават на фотосесија со недоволна припрема и организација, во смисла со добра шминка, фризура и доволно аутфити, но секогаш се наоѓа решение.