Славчо Попоски, метеоролог: „Неделава ќе биде постудено, најмногу сонце во четврток и петок“
- Детали
- вторник, 13 февруари 2024
Малку пониски температури, слаби врнежи од дожд, но и повремено засилен ветер – какво време не очекува до крајот на неделата?
По невообичаено топлата недела, деновиве температурите ќе бидат малку пониски, но сепак нема да биде многу студено како што е во овој период од годината. Како минатата, и неделава ќе имаме неколку сончеви денови.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за следниве неколку денови:
„Оваа седмица во Македонија ни носи повеќе облачност, но и нешто пониски температури на воздухот за разлика од минатата. Сепак сè уште сме далеку од онаа вистинска зима и температури како што доликуваат за овој период од годината.
Повремено ќе има и локални слаби врнежи од дожд, а на планините над 1400-1500 метри надморска височина ќе провејува снег. Повремено снежната граница би можела да се спушти и на планините и под 1.400 метри надморска височина.
Најмногу сонце оваа седмица ќе имаме во четврток и во петок.
Од денес ќе започне да дува и повремено засилен ветер од северен правец, најизразен долж Повардарието (повремено со брзина до околу 60 км/час).
Во Скопје исто така ќе има услови за локален краткотраен и слаб дожд, а ќе дува и повремено засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, утринските особено од среда на повеќе места ќе се спуштаат под нулата и тие ќе се спуштаат во интервалот од -5 до 0 степени, а максималните дневни ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук; freepik.com