Македонката Бетика како ледена кралица на Вевчанскиот карневал: „13 години ти се враќам мое мило Вевчани“
- Детали
- среда, 17 јануари 2024
„Мое Вевчани… Ти се вратив дури и од Лапонија, ти се враќам секоја година, пак и пак. Како да сум навлечена. Денес Вевчани е мојот втор дом, од година во година се чувствував сè поприфатена“, пишува ледената Македонка во Инстаграм објавата посветена на Вевчанскиот карневал.
Бетика, во јавноста позната и како „ледената Македонка“ годинава учествуваше во Вевчанскиот карневал.
На карневалот Бетика се појави во костим на ледена кралица кој вклучуваше и круна која личи како да е направена од мраз.
Поради трагинта смрт на младо момче од Вевчани, забавниот дел од програмата беше откажан. Но, сепак се одржа карневалот кој е всушност обичај и е посветен на Свети Василиј Велики.
Во Инстаграм објава, Бетика, која потекнува од Ресен, откри дека со години оди на карневалот, а споделува и дека имала интересен прекар од локалците.
Имено, тие ја нарекувале „шопка“, збор што го користеле за дојденци.
Во објавата, Бетика му оддава почит и на младото момче што загина во сообраќајка.
„А сега ќе ви раскажам една приказна од дното на Бетика, ’шопката‘ што оди на Св. Василија 13 години. Од ’шо ќе ојш ти мор шопке една‘, до фамилија што секоја година ја очекува истата да се појави со јака маска.
Дојденците во Вевчани ги викаат шопки. И, искрено, мене ми беше прејако кога ќе го слушнев тоа. Но, исто, понекогаш се натажував и си викав зошто вака ми викаат.
Пред 13 години скоро и да не ги разбирав што ми зборуваат… Но, секако си се смешкав и ја ширев мојата позитива, некои ме сакаа, некои не можеа да ја поднесат мојата енергија, разбирливо.
А, јас секоја година ти се враќав со љубов.
Васиља е љубов, чувство, емоција, слобода, ослободување и чистење од сè што не ни служи повеќе во животот таа година…
Мое Вевчани… Ме прегрнуваат копнежите големи! Ти се вратив дури и од Лапонија, ти се враќам секоја година, пак и пак. Како да сум навлечена.
Денес Вевчани е мојот втор дом, од година во година се чувствував сè поприфатена. Тешко луѓе дур те прифатат, ама еднаш кога ќе им влезеш под кожа, толку е.
И сполај ви бескрајно, баш вие ме мотивирате секоја година да ви се враќам!
Оваа Василија ја посветивме на еден ангел Милан, почивај во мир дете мило.
Сите василичари бевме тука за тебе, за ти да ни се радуваш од небото.
До следното видување мое мило и драго Вевчани“, пишува на објавата меѓу другото.
Спирова С. | Црнобело