Гостиварецот Анди Исмаили (14) со танц ја „запали“ сцената во финалето на хрватскиот „Суперталент“ (видео)
- Детали
- вторник, 26 декември 2023
Четирикратниот светски шампион во танц, гостиварецот Анди Исмаили (14) имаше совршен танц во финалето на хрватското шоу „Суперталент“. Иако не победи, никој од жирито не остана рамнодушен на неговата изведба.
Македонскиот танчар Анди Исмаили (14) од Гостивар имаше одличен настап во финалето на хрватскиот „Суперталент“.
Тој со многу емоции танцуваше на песната Caruso, а кореографијата ја подели на два дела – оган и вода.
Сето она што го вложи во танцот повторно го забележа Мартина Томчиќ, која не штедеше пофалби за нашиот млад танчар.
„Ова беше најубавата болка што сум ја видела некогаш во животот“, кажа таа по настапот на Анди и додаде дека тој е заслужено во финалето на големото шоу.
Неговиот талент не помина незабележан и кај другите членови на жирито, а пејачката Маја Шупут му кажа дека иако не може да стане поради фустанот што го носи, сепак исто како да стои и да му аплаудира, бидејќи од неа за Анди има само стоечки овации.
Сепак, Анди не победи во шоуто, каде што се гласаше преку телевоутинг.
За потсетување, Исмаили во првиот круг доби златно копче од членовите на жирито и директно влезе во полуфиналето, а таму танцуваше на песната Skyfall од Адел.
Погледнете го настапот на Анди:
Прочитајте и Светскиот шампион во танц Анди Исмаили (14): „Наставничка ме исмеваше јавно, најдов начин да се справам со хејтерите“
А. Ј. | Црнобело