Перица и Елеонора од тетовско Јанчишта се свршија во бедуинско село во Египет (фото)
- Детали
- петок, 15 септември 2023
„Се качивме на камили и тргнавме на кратка прошетка околу бедуинското село, а човекот кој ги водеше нашите камили побара мобилен телефон за да ни направи неколку фотографии. Пред да слеземе од камилите, се свртев, а Перица го вадеше прстенот. Останав вкочанета како во транс и не знаев што да правам“, вели Елеонора.
Елеонора Савеска (20) и Перица Савески (23), двајцата од селото Јанчиште, тетовско, се свршија додека беа на патување во Египет. Перица ја побара Елеонора за сопруга додека беа на сафари во бедуинско село во Хургада.
Елеонора за CRNOBELO.com вели дека воопшто не очекувала Перица да ја запроси и дека самиот чин бил огромно изненадување за неа.
Таа ни ја раскажа својата приказна за запросувањето во Египет:
„По две години врска, Перица одлучи да ме запроси и тоа на необично место, во бедуинско село во Хургада.
Обичен ден, бевме договорени да одиме на сафари.
Станавме во 9 часот, појадувавме, нè зедоа од хотелот и тргнавме накај селото.
Водичот ја објаснуваше програмата, ние си слушавме, сè беше нормално.
Се качивме на камили и тргнавме на кратка прошетка околу бедуинското село, а човекот кој ги водеше нашите камили побара мобилен телефон за да ни направи неколку интересни фотографии.
И пред да слеземе од камилите, се свртев, а Перица го вадеше прстенот.
Ова чувство никако не можеш да си го опишеш сè додека не го почувствуваш сам.
Останав вкочанета како во транс и не знаев што да правам.
Ме праша дали ќе се омажам за него и секако, кажав да.
Не очекував ништо од ова и не знам каде го криел прстенот претходните денови, ама сега тоа не е ниту важно“.