„Чиста душа како неговата, тешко се шминка“ – Српскиот шминкер Стефан Суботиќ се трансформира во Тоше Проески
- Детали
- среда, 04 декември 2024
„Ова досега ми беше најтешката трансформација“ – напиша српскиот шминкер Стефан Суботиќ, кој во последното видео се трансформира во нашиот Тоше Проески.
Српскиот шминкер Стефан Суботиќ стекна слава, така што често се трансформира во голем број познати светски и регионални личности и тоа само со помош на шминка.
Неговите видеа на социјалните мрежи секогаш привлекуваат внимание.
Овојпат тој одлучи да се трансформира во Тоше Проески и да ни покаже дека не само ние Македонците, туку целиот Балкан сè уште тагува, и 17 години по загубата на пејачот чијшто живот згасна прерано, на 16-ти октомври, 2007-ма година.
„Оваа трансформација сакам да ја направам во спомен на најпрекрасната душа, личноста која остави таква трага и којашто сè уште живее, според мене“ – вели тој во видеото.
Стефан во описот до видеото рече дека оваа му била досега најтешка трансформација во којашто морал да вложи најмногу труд.
„Чистата душа, како неговата, тешко е да ја нашминкате“ – напиша Стефан, кој е познат по тоа што успева до најмал детаљ да ги долови изразите на личностите во кои се трансформира.
Инаку, младиот српски шминкер со своите трансформации успеа да ја импресионира и Ким Кардашијан, а во една пригода откри дека за создавање на еден лик му се потребни до 3 часа.
Кликнете на објавата и погледнете како изгледа трансформацијата на Стефан во Тоше:
Прочитајте и Што знаеме за српскиот шминкер Стефан Суботиќ, кој со трансформациите ја импресионира и Ким Кардашијан?
Б. С. Б. | Црнобело