„Дали си луд?“ - Србин се снимаше во дувло на мечки и стана мета на критики
- Детали
- вторник, 17 септември 2024
Видеото на кое српскиот инфлуенсер Стефан Јанковиќ влегува во дувло на мечка, а потоа ѝ дозволува на мечката да го душка, стана вирално. Но, според последните објави на инфлуенсерот, видеата веројатно се снимени во засолниште за мечки и животните се всушност питоми.
Српскиот инфлуенсер Стефан Јанковиќ пред неколку дена на својот Инстаграм профил сподели видео на кое се гледа дека е во дувло на мечка.
Видеото, кое има над четири милиони допаѓања и уште повеќе прегледи, ја разбранува јавноста и предизвика лавина критики, но и шпекулации.
Во видеото се гледа како Стефан е во дупката, кога одеднаш се појавува мечка. Додека излегува од дупката, мечката почнува да го душка, но не го повредува.
„На работ на животот“, стои во описот.
Во коментари, многумина го нарекуваат „идиот“ и „луд“, но некои почнаа да се сомневаат дека целото видео е исценирано.
„Ако ова е вистина (а сигурно не е), веројатно преживеал само затоа што мечката не била гладна и според нејзината големина, уште е млада, па е повеќе љубопитна отколку гневна или гладна“, гласи еден од коментарите.
Следниот ден, на 14-ти септември, Стефан сподели уште едно видео, овој пат снимено од дрво.
На земјата, пак, се гледаат две мечки.
„Прва станица по нивниот дом е врв на дрво“, стои во описот.
„Нема да верувате што ми се случи. Поминав 24 часа во шума и ме нападна мечка.
Т.е. не ме нападна, туку ме чека. И, ене ја другата. Немој да си дошла горе. Само пробај“, вели инфлуенсерот во видеото.
За разлика од првото, во коментари на второто видео има повеќе шеги отколку критики:
„Стефан престана да објавува по ова видео…“
„Чекаат да им платиш бидејќи им ја изнајми куќата“.
„Од тебе и нема нешто да се најдат“.
Вчера (16.09), Стефан сподели и трето видео во кое стана јасно дека видеата најверојатно се снимени во некакво засолниште за мечки.
Во видеото, тој ги храни и си игра со две мечки, а одоколу се гледа ограда.
„Никој не веруваше дека човек може да се дружи со мечка“, стои во описот.
Сепак, иако е очигледно дека мечките се колку-толку питоми, инфлуенсерот повторно се соочи со критики бидејќи не внимава на својата безбедност, а ги има и оние кои му аплаудираат за тоа што ги измами сите со првото видео.
„Дечкото отишол кај питоми мечки, па си снимил видеа како да е во дивината. Браво“.
„Денес пријател, утре храна“.
„Но, никогаш не можеш да знаеш како ќе изреагираат… Биди внимателен“.
„Кога ќе престанеш да објавуваш, ќе знаеме што ти се случило“.
Според некои коментари, видеата на Стефан се направени во Босна и Херцеговина, на место познато како Добој.
Наводно, овде биле згрижени две мечки кои биле таму уште од раѓање.
Сепак, Стефан ги нема потврдено информациите.
Спирова С. | Црнобело