Крвави дланки на улиците, стихови од Балашевиќ - Моќни видеа од протестите во Нови Сад, по несреќата која одзеде 14 животи
- Детали
- среда, 06 ноември 2024
„Не би била оваа крв, да беше сè по законот“ – стиховите на Ѓорѓе Балашевиќ станаа химна на масовните протести во Нови Сад. Србите масовно се кренаа на нозе и бараат одговорност за трагедијата во која животите ги загубија 14 невини души.
Србија и Нови Сад не можат да се помират со трагедијата која се случи минатата недела, во петокот (01.11), кога бетонска натстрешница се сруши на железничката станица, а животот го загубија 14 лица, додека 3 лица се борат за живот.
Трагичните приказни за мајката која го оставила детето на клупата за да купи билет, за дедото кој со своите внуки тргнал на слава, но и за еден сопруг кој нетрпеливо ја чекал сопругата да му се јави само за да дознае дека неа повеќе ја нема, се објавени во сите регионални медиуми.
Синоќа (05.11) во 18 часот со едноминутно молчење, започна масовниот протест во Нови Сад каде се собраа илјадници луѓе од цела Србија кои бараа оставки и кривична одговорност од сите директно или индиректно одговорни за трагедијата.
„Крвта е на вашите раце“, „Сите ние сме под настрешницата“ – се некои од слоганите кои беа испишани на транспарентите што луѓето ги носеа со себе, а за време на мирните протести фрлаа црвена боја која ја симболизираше крвта на невините души кои ги загубија животите, меѓу кои и неколку малолетни деца.
На социјалните мрежи утрово масовно се споделуваат видеа од масовниот протест кој започна мирно, а потоа ескалира, кога поединци почнаа да вандализираат објекти низ градот.
Сепак, Србите сплотени успеаја да испратат силна порака до одговорните дека ваква трагедија не може и не смее да се повтори.
Во продолжение погледнете дел од најмоќните видеа што утрово се споделуваат на социјалните мрежи:
На социјалните мрежи масовно се споделува видеото направено со дрон од протестите од страна на filmedia.rs, каде во заднина може да се слушне познатата песна на Ѓорѓе Балашевиќ, „Не ломите ми багрење“, кое започнува со познатите стихови:
„Сè по законот, за тоа сум прв, не би била оваа крв, да беше сè по законот“.
Овие стихови воедно станаа и парола на масовните протести во Нови Сад.
„Нови Сад за настраданите сограѓани. За 14-те невини души, за Тина и Сара“.
„Ти благодариме Белград! Ти благодариме цела Србијо! Ви благодариме што сте со нас во овие тешки мигови… Премногу сме тажни!“
„Величествено… Достоинствено… Нови Сад“
Б. С. Б. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





