„Среќо наша, не знаевме дека злото демне“ - Потресна објава на мајка на девојче убиено во српското училиште „Рибникар“
- Детали
- вторник, 08 октомври 2024
„Ми рече: Чуден е, а јас ти реков: Дружи се со него, ќе видиш дека луѓето се добри кога ќе ги запознаеш... Ти ми веруваше“ – пишува во својата објава една од мајките на децата кои настрадаа во училиштето Владислав Рибникар во Србија. Од нејзиното писмо до ќерката навираат солзи на очи.
Детето убиец, Коста Кецмановиќ, кое на возраст од само 13 години изврши масакр во српското основно училиште „Владислав Рибникар“ на 3-ти мај минатата година, денес за првпат ќе ја напушти психијатриската болница каде што е сместен.
Коста треба да сведочи во Специјалниот суд, против своите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ, против кои со месеци наназад се води случај.
Освен што за првпат ќе се соочи со своите родители по маскарот, тој ќе се соочи со родителите на убиените соученици, кои сѐ уште се скршени од болка заради загубата на најмилите.
Инаку, на 3-ти октомври годинава, убиената Ема Кобиљски, требаше да го прослави својот 15-ти роденден, а нејзината мајка, Нина, по тој повод сподели емотивна објава, во која директно ѝ се обрати на настраданата ќерка.
Од нејзините зборови навираат солзи на очите и јасно е дека болката заради загубата е преголема.
Во продолжение ви ја пренесуваме објавата во целост:
„3-ти октомври, денот на твоето раѓање... 13 прославени во веселба, а веќе втор во кој се молиме на Бога до тебе да допре нашата љубов, кога заедно ти ги праќаме омилените балони.
Секој ден е ден на љубовта и тагата, би рекол човек дека се исти, но има и такви посебни, оние што ги помниме по радоста... Во тие денови, за здив, потребни се многу прегратки...
И потоа, во осаменост ги бараме твоите очи, твоите раце, твојот глас и твојата насмевка... И ти од фотографијата ни се смееш, без лутење, со благ поглед...
Додека низ солзи ти зборуваме и понизно признаваме: Не те излажавме среќо наша, не знаевме дека злото демне...
Не знаевме дека тој веќе на 1-ви мај ја прекрил камерата и ги зел пиштолите на татко му и муницијата, додека ти на истиот тој 1-ви мај трчаше на ливадата со топката.
Љубов, твојот татко е спортист, а дедо ти е војник со јасен став дека војната е нешто страшно и дека оружјето е зло, кои никогаш не сме го виделе со нашите очи.
Не знаевме дека тој татко што никогаш не бил војник, всушност сакал да се маскира во маскирна униформа, да си игра војна, да купува илјадници куршуми, да чува пушки, да купува пиштоли и така маскиран сега нам како спортист да ни се претставува.
Знам дека знаеш дека тоа не е спортист, а не е ниту војник... Вели дека не е ниту тренер иако сам избрал своето оружје да го стави на синот во раце и да го води на местото каде што се опушта – не љубов моја, не во парк, не на игралиште, туку во стрелана, на неговото место за опуштање.
Ние среќо не знаевме за тоа... А тој знаел.
Ми рече: Чуден е, а јас ти реков: Дружи се со него, ќе видиш дека луѓето се добри кога ќе ги запознаеш... Ти ми веруваше...
Не знаев да ја препознам детската интуиција, затоа што тогаш не знаев дека родителите му оправдуваат стотици изостаноци со објаснување дека детето им спие преку 20 часа и дека не можат да го разбудат... А тие знаеле...
ZAŠTO STE UBILI MOJU ĆERKU?! Otac ubijene Eme Kobiljski se obratio majci dečaka ubice iz Ribnikara, ona ZANEMELA #vesti #hronika #ošvladislavribnikar #suđenjeroditeljimadečakaubice #miljanakecmanović https://t.co/40EP0GF0Fd
— Blic (@Blic_online) May 21, 2024
И додека ме гледаш од фотографијата, го повикувам 2-ри мај, твојата дланка на мојот грб и твојот глас што ми вели: Маки, знаеш ли колку многу те сакам?
Не знаев дека тој на својата мајка ѝ напишал: Те мразам... Но, таа знаеше.
И што сега кога стреланата доведе до стрелање, кога пиштолот пукна во училиште, кога омразата доведе до зло и кога болеста доведе до лудило?
Се прашуваме додека ти садиме цвеќе на гробот, додека ти палиме свеќа и сликата ти ја милуваме и велиме:
Не те излажавме љубов наша, и понатаму веруваме дека човекот треба да го краси добрина, племенитост, храброст, одговорност, благост, почит и дека не треба да му се препуштиме на овој ужас во којшто живееме, туку да се бориме за системот на вредности според којшто тебе те воспитувавме, затоа што ако се откажеме од тоа, загубивме се“.
Претходно, Нина сведочеше на судењето против родителите на Коста Кецмановиќ во февруари минатата година, па рече:
„Луѓето велат дека животот оди понатаму, но ние застанавме затоа што нашата радост е одземена.
Дали ќе можеме да продолжиме со животот? Велат и дека Бог ти дава толку колку што можеш да поднесеш, но тоа е лага, затоа што никој од нас не може да поднесе толкаво страдање.
Треба да бидеш силен за да поднесеш толку големо страдање. Треба да се биде силен и да се задржи способноста за разум.
Летово паднав на улица. Ги скршив забите, брадата, ме шиеја. Сите ме прашуваат дали сум загубила свест, а јас не можам да им кажам дека мене срцето ми крвари“ – рече таа.
"PRESKAKAO JE KRVAVE DRUGARE DA BI PREŽIVEO!" Potresno svedočenje roditelja povređenog dečaka u Ribnikaru: "Rekao mi je - tata, on je imao oči kao đavo!" #vesti #hronika #ribnikar #dečakubica #vladimirkecmanović #miljanakecmanović https://t.co/5zQOw0WPj1
— Blic (@Blic_online) September 20, 2024
Инаку, таткото на Коста, Владимир е обвинет дека извршил кривично дело: тешко дело против општата сигурност, затоа што на 13 години го водел синот во стрелана и го учел да пука и не го чувал адекватно оружјето во својот дом.
Мајка му, Миљана се товари за недозволено држење, носење и промет на оружје, затоа што нејзин ДНК материјал бил најден на една од чаурите во училницата на училиштето, како и на ластичето за коса со кое било врзано шишето во коешто нејзиниот син направил молотов коктел.
Б. С. Б. | Црнобело