Трипати ја откажуваа свадбата, па конечно застанаа пред олтар – Се омажи грчката принцеза Теодора
- Детали
- вторник, 01 октомври 2024
Пораснала со принцовите Вилијам и Хари, а тие не дојдоа на церемонијата. Која е грчката принцеза Теодора за чијашто свадба викендов сите кралски семејства се собраа во Грција?
Минатиот викенд, грчката престолнина Атина, беше местото каде што се собраа кралските семејства од цела Европа, по повод свадбата на принцезата на Грција и Данска, Теодора.
Таа на 28-ми септември се заколна на вечна љубов со нејзиниот долгогодишен партнер.
Теодора (41) е најмала ќерка на починатиот грчки крал Константин Втори и неговата сопруга Ана Марија. Кума ѝ била кралицата Елизабета Втора, а е во блиски роднински односи со данското и шпанското кралско семејство.
На свадбата присуствуваше сестрата на нејзиниот татко, кралицата Софија од Шпанија, како и роднините од шведските и данските кралски семејства.
Од Британското кралско семејство немаше претставници, иако претходно се најавуваше доаѓањето на кралот Чарлс и принцот Вилијам.
Теодора се омажи за американскиот адвокат Метју Кумар, со кого е повеќе години во врска, а по желба на нејзиниот татко тие стапиле во брак во катедралата Метрополитен во Атина, каде што и нејзините родители се заколнале на вечна љубов пред 60 години.
Невестата носеше венчаница од грчка дизајнерка која беше изработена со 500.000 кристали и рачно изработени везови, за чија изработка биле потрошени 1.200 часа.
Изгледот беше надополнет со долг вел од тантела, којшто некогаш ѝ припаѓал на шведската принцеза Маргарет.
Инаку, Теодора била родена во Лондон во 1983-та година и израснала во друштво на принцовите Хари и Вилијам.
Студирала театарска уметност во Англија, а во 2010-та година одлучила да се пресели во Лос Анџелес, со цел да се оствари како актерка.
Имала неколку епизодни улоги во повеќе серии, никогаш не добила некоја сериозна улога.
Во 2016-та година го запознала адвокатот Метју со кого живее во Лос Анџелес со години наназад.
Инаку, Теодора е свршена за Метју од 2018-та година, но тие двајца дури трипати морале да ја одложуваат свадбата.
Двапати заради карантинот и ковид пандемијата, а потоа и заради смртта на татко ѝ.
Според извори блиски до принцезата, таа не се чувствувала добро и заедно со свршеникот одлучиле свадбата да ја одложат за подоцна.
Б. С. Б. | Црнобело