„Какви соседи имам“ – Никола Роквиќ срдечно пречекан во Белград, откако собра милиони за децата болни од рак
- Детали
- понеделник, 27 мај 2024
За време на своето едномесечно патување, Никола Роквиќ успеа да собере над 2,5 милиони евра коишто ќе бидат наменети за децата болни од рак, а дома го пречека толпа дечиња, кои во еден глас му посакаа: „Добредојде дома!“ Никола сподели видео од емотивниот миг и раскажа кој го придружувал за време на целото патување.
Српскиот пејач Никола Роквиќ во изминатиот период привлекуваше внимание со патувањето пеш од Белград до манастирот Свети Нектариј во Егина, Грција.
Успешно ја заврши својата мисија, собра милиони, но и покажа како славните може да го искористат своето влијание и да го свртат вниманието кон важните теми во општеството.
Откако ја реализира својата цел и го заврши аџилакот, при што собра неверојатни 31 милион српски динари (односно околу 2 милиони и 650 илјади евра) наменети за детската онкологија, тој се врати дома.
Никола вчера (26.05) пристигна во Белград, а на аеродромот слета заедно со сопругата Бојана и децата. По ова, со семејството тргна кон својот дом, каде со громогласен аплауз го пречекаа сите соседи, а најголемо внимание привлекоа дечињата кој во еден глас му посакаа добредојде.
Никола застана и ги прегрна и ги бакна насобраните дечиња, а видеоснимката од пречекот ја објави на својот Инстаграм профил.
„Какви соседи имам! Ова се помни цел живот! Бог да ве благослови драги мои!“ – напиша тој до видеото.
Инаку, претходно во изјава за медиумите Никола појасни дека од Србија до Грција сам одел пеш, но со него тргнале и тројца другари кои го следеле со кампер.
„Бев сам во најголемиот дел од рутата. Со мене тргнаа и тројца мои пријатели кои беа во камп возило, каде што спиев.
Првата ноќ не стигна камперот, па спиев во шатор, а тоа не беше толку добра опција, затоа што температурата беше 4 степени.
Потоа беше полесно, имаше опција да тргнеме и без камп возило, но би губел многу енергија за да најдам сместување, особено затоа што сум позната личност.
Веројатно луѓето би сакале да ме угостат и да поразговараме и тоа би ми одземало многу енергија.
За време на патувањето бев исклучиво сам, а тие одвреме-навреме ме посетуваа да ме прашаат дали ми треба храна, вода, банана или некое чоколатце и тогаш го користеа мигот да ме фотографираат.
Во камперот бевме четворица мажи, немаше ниту едно несогласување“ – раскажа Никола.
Никола претходно откри дека долго време се подготвувал за овој аџилак, а најголема поддршка му пружал српскиот ултрамаратонец Јовица Спајиќ.
Јовица му помагал околу логистиката, изборот на опрема, исхраната, суплементацијата, но и со ментални и духовни совети, а пејачот јавно му се заблагодари за поддршката.
Б. С. Б. | Црнобело