„Трошам по 500 евра за ручек“ – Бака Прасе се фали со луксузниот живот, по вестите дека должи 50.000 евра
- Детали
- петок, 09 февруари 2024
„Ми се промени вкусот и сакам да уживам во скапи работи. Јас возам Lamborghini со причина, затоа што имам пари“ – вели јутјуберот Богдан Илиќ попознат како Бака Прасе, кој неодамна го затвори својот синџир ресторани заради долгови.
Јутујберот Богдан Илиќ, кој е попознат како Бака Прасе, во изминативе денови беше во фокусот на јавноста, откако се појавија информации дека неговиот синџир ресторани за брза храна е затворен заради долгови од 50.000 евра, но тој не се огласува за овој проблем, туку продолжува да се фали со животот на висока нога.
Познато е дека Бака Прасе неодамна се пофали со новиот стан од 300 квадрати што го купи по цена од 2 милиони евра, кој има огромна дневна соба, спа-центар, теретана, џакузи, но и апартман за гости, а српските медиуми деновиве ја пренесуваат неговата изјава во која тој образложува зошто не би сакал да купи поевтин стан.
„Не сакам да купам стан од 80.000 евра, затоа што во Белград за тие пари можеш да купиш некаде далеку и тоа стан од 30 квадрати, а јас реков дека нема да купам (стан) сѐ додека не бидам воодушевен од него.
Каква инвестиција е станот од 80.000 евра, што ќе го издавам за 500 евра месечно?
Па мене ручекот дневно ме чини 500 евра, мене не ми значат 500 евра месечно! Некому може да му значат, но не и мене. Јас возам Lamborghini со причина, затоа што имам пари“ – изјави тој.
Јутјуберот потоа рече дека тој не купува храна само за себе, затоа што редовно ги вика и другарите на ручек, и најчесто тој е тој што плаќа за сите.
„Мене ручекот може да ми биде и 50 евра за 10 лица, но ние седиме во локали каде што храната е скапа, а квалитетна.
Ми се промени вкусот и сакам да уживам во скапи работи, но можам и имам можности. Парите се суштина, она што го гради овој свет, без нив не можеш да направиш ништо“ – изјави јутјуберот.
Оваа изјава наиде на осуда кај многумина кои сметаат дека јутјуберот негативно влијае врз младите луѓе и дека е лицемерен.
Особено ако се земе предвид дека неговите ресторани за брза храна се затворени заради долгови, а голем број од неговите вработени останаа на улица.
Прочитајте и Бака Прасе се фали со стан вреден милиони, а должи 50.000 евра – Гласини дека неговите ресторани целосно пропаднале
Б. С. Б. | Црнобело