Докази дека лажно ја обвинил бившата сопруга за крадење пари - Нова драма за Иванишевиќ
- Детали
- четврток, 28 март 2024
Ги тужеше поранешната сопруга и ќерката Амбер за финансиски малверзации, им ги блокира сметките, а сега се докажа дека лажел. Нови детали за семејната драма на Горан Иванишевиќ.
Поранешниот хрватски тенисер Горан Иванишевиќ повторно е во центарот на вниманието во регионот.
Само еден ден откако Новак Ѓоковиќ откри дека решиле да ја прекинат долгогодишната соработка (27.03), медиумите сега пишуваат дека тој го губи и судскиот спор против својата поранешна сопруга, Татјана Драговиќ.
Нивната семејна драма ги полнеше насловните страници и медиумите минатата есен, откако во октомври 2023 Иванишевиќ (52) поднесе неколку тужби против поранешната сопруга, Татјана Драговиќ (45), но и ќерката Амбер (20).
Тој бараше да добие половина од луксузниот стан што Татјана ѝ го подарила на ќерка си, а го купил Горан. Тогаш Иванишевиќ побара и да престане да плаќа алиментација за ќерката, бидејќи е полнолетна.
Во тужбата на Иванишевиќ стои и дека Татјана „крадела“ од неговата сметка и трошела повеќе пари отколку што ѝ следувале со спогодбата за развод, па судот во Хрватска донесе привремена мерка да се замрзнат нејзините сметки.
Но, сега има пресврт во судењето на поранешните сопружници. Хрватските медиуми пишуваат дека е направено финансиско вештачење од страна на компанија која најчесто ја ангажираат државните институции во Хрватска, а која детално ги разгледала сметките на двајцата сопружници.
„Татјана Драговиќ не само што не крадела од поранешниот сопруг, како што тврди тој, туку и во периодот од 2015 до 2022 година потрошила помалку пари од она што ѝ припаѓа по разводот од Иванишевиќ“, стои во заклучокот на компанијата.
За потсетување, Татјана и Горан почнале љубовна врска во 1998 година, а се венчале во 2009. Парот се разведе во 2013 година.
По ова Тијана го тужеше Горан за семејно насилство, но таа тужба беше отфрлена.
Горан по разводот од Татјана ја запозна водителката Нивес Чановиќ, со која се венча во тајност во 2017 година.
На професионален план, од 2018 работеше како тренер на Новак Ѓоковиќ. И иако Ноле низ годините имаше многу испади и навреди кон својот тренер додека беше на терен, надвор од теренот беа одлични пријатели.
Токму затоа многумина беа изненадени кога најдобриот светски тенисер откри дека ја прекинале соработката.
Едни медиуми шпекулираат дека Новак го отпуштил Горан, други дека Горан се повлекува бидејќи не може да го издржи темпото на Ѓоковиќ, кој е „гладен“ по уште титули и сака да го освои својот 25-ти Гренд слем.
Прочитајте и Горан Иванишевиќ ги тужи поранешната сопруга и ќерката: Бара дел од луксузниот стан, не сака да плаќа алиментација за ќерката
А. Ј. | Црнобело