Бранислав Лечиќ тужи млада колешка која не сакала да игра во серија со него – имала лошо искуство од минатото
- Детали
- вторник, 05 март 2024
Српскиот актер Бранислав Лечиќ ја тужи младата колешка Ангела Јовановиќ, затоа што одбила да игра во сцена од серија со него. Таа тврди дека имала лошо искуство во минатото, а тој, дека му го ускратила правото да работи.
Српскиот актер Бранислав Лечиќ кој во минатото беше обвинет за сексуално малтретирање ја тужи младата колешка Ангела Јовановиќ, затоа што одбила со него да игра во иста сцена во серијата „Радио Милева“.
Според пишувањата во српските медиуми, Лечиќ сега бара Ангела да му плати 300.000 динари (околу 2.600 евра) отштета за повреда на неговата чест и угледот, а првото рочиште е закажано за 6-ти март годинава.
„Ја тужеа моите адвокати затоа што станува збор за ускратување на правото за работа, тоа апсолутно никој нема право да го прави и тоа е законски прекршок.
Деталите околу тужбата не ги знам, тоа адвокатите го работат, но таа направи нешто што е надвор од законот.
Таа нема право некому да му го ускратува правото на работа“ – изјави Бранислав Лечиќ за српските медиуми и рече дека еден ден пред серијата му било речено дека тој нема да игра и дека сѐ се случило заради нејзината реакција.
Вестите за тужбата ги потврди и актерката, која инаку е ќерка на познатиот српски актер Гаги Јовановиќ.
Таа потврди дека одбила да игра со него заради некој непријатен настан од минатото што го имала со него.
„Ниту сега, ниту кога било во иднина не сакам да бидам во ист кадар со тој човек, како заради тоа што го поминав, така и принципиелно, заради она за што моите колешки го обвинуваа“ – изјави Ангела.
Инаку, според информациите објавени во медиумите, Лечиќ во серијата требало да игра човек што е лажно обвинет за сексуално вознемирување, а откако Ангела одбила да игра со него, продуцентите на серијата морале да му најдат замена.
По објавените вести за тужбата на Лечиќ, и српската актерка Милена Радуловиќ (која во изминатите месеци беше на суд и се соочи со учителот по глума кој сексуално ја злоставувал, Мирослав Мика Алексиќ), застана во одбрана на нејзината колешка.
Таа на својот Инстаграм профил објави принтскрин од веста и на него напиша:
„Поддршка Ангела! Затоа што, неврзано само за случајот што одекна, не постои млада актерка која работела со Лечиќ и немала ситуација што денес јасно и законски би можела да се нарече сексуално вознемирување.
И тоа ѝ е добро познато на целата фела“.
Поддршка на Ангела јавно ѝ упати и актерката Мирјана Карановиќ, како и сопругот на Ангела, атлетичарот Михаил Дудаш.
За потсетување, Бранислав Лечиќ беше обвинет за силување од страна на Данијела Штајнфилд, но и од Мерима Исаковиќ, која тврдеше дека актерот ја силувал во 1978-ма година, кога таа имала само 18 години.
Б. С. Б. | Црнобело