Милена Радуловиќ со нови обвиненија: „Сопругата на учителот што ме силуваше знаеше сѐ, и таа помина низ истото“
- Детали
- понеделник, 27 ноември 2023
„Не сме ние некои жени што го нападнале нејзиниот сопруг, ние сме тие девојчиња што таму пораснаа, што тие двајца ги воспитуваа. Таа одлучи, и не ја осудувам, да стане и да каже дека сме лажеле“ – вели српската актерка Милена Радуловиќ и образложи зошто смета дека сопругата на учителот што ги силувал му е соучесничка.
Српската актерка Милена Радуловиќ деновиве е актуeлна заради нејзината тужба против учителот по глума Мирослав Мика Алексиќ, кај кого 6 години одела на часови по глума. Тој ја силувал за првпат кога имала 17 години, а тоа се случувало повеќепати.
Милена минатата недела повторно се соочи на суд со Мирослав Алексиќ и одговараше на неговите прашања, а сега во гостување во една српска емисија, откри нови детали што досега не ѝ беа познати на јавноста.
Милена чекаше две години од поднесувањето на тужбата, до моментот кога таа и нејзиниот поранешен учител се соочија пред суд, а во емисијата „Уранак“ на српската телевизија К1, зборуваше за тоа како се чувствува.
Како што вели, оваа приказна трае предолго и се чувствува како веќе да нема крај.
„Иако многупати мислев дека нема да морам да одам понатаму, сепак се покажа дека постои и понатаму. Се надевам дека по овие 3 рочишта и сѐ што се случи во овие 3 месеци, оваа интензивна приказна и нашата средба, како и по неговите прашања, конечно ќе дојде крајот“ – рече таа.
Инаку, Милена вели дека очекувала оти Алексиќ ќе сака да ѝ поставува прашања, иако тоа право не го искористил со четирите други девојки што сведочеле пред неа.
Милена, која ја освои српската јавност со тоа што на сите прашања одговараше достоинствено и храбро, во емисијата вели дека сите рочишта ѝ биле тешки, но дека најтешко ѝ паднало последното заради начинот на којшто Мирослав и неговиот адвокат ѝ поставувале прашања:
„Многу беше мачно. Пред првото рочиште седум дена не ми беше добро, една вечер пред тоа ми излегоа пликови по рацете. Некако го поднесов добро тоа прво рочиште.
Имав впечаток дека тоа што боли, ќе боли, дека од тоа што се плаче – ќе се плаче секогаш, неврзано за каков било исход, но имав впечаток дека во сегашниот момент јас имам сила за тоа и дека Алексиќ и неговата сопруга се дел од минатото.
Кога дојде второто рочиште, јас бев многу подобро и подготовките не ми траеја седум дена, знаев на што одам. Но, еден ден пред тоа не можев да јадам, не можев ништо, се тресев цел ден.
Третиот пат заклучив дека без разлика на тоа колку и да стекнуваш ново искуство на рочиштата, колку и да тие е јасно што те чека, ништо нема да се промени“ – вели таа.
Според Милена, мошне понижувачко е тоа што Мирослав ги порекнува сите обвиненија за силување.
Инаку, таа откри дека Мирослав и неговата сопруга Биљана Алексиќ, која е редовен професор на Факултетот за драмски уметности, се соучесници.
Прочитајте и „Ме крена на фрижидер, ме силуваше додека децата во другата соба ја рецитираа ‘Оче Наш’“ - Милена Радуловиќ повторно на суд
Таа вели дека Билјана е најдобриот професор, но дека и таа има вина во целиот случај со сексуалното злоставување на девојките.
Милена образложува дека иако сопругата на Мирослав знаела што се случува со девојчињата кои во нивната школа почнале да одат уште кога имале 7 години и ги гледале како растат, никогаш не презела нешто за да го спречи.
„Не сме ние некои жени што го нападнале нејзиниот сопруг, ние сме тие девојчиња што таму пораснаа, што тие двајца ги воспитуваа, што ги гледаа кога имавме 7, 9, па 12, па 18 години.
Таа одлучи, и не ја осудувам, да стане и да каже дека сме лажеле, а многу добро знае дека не лажевме“ – вели Милена.
„Јас сум нејзин студент, таа беше мошне важна 4 години во мојот живот. Ме сакаше и јас неа ја сакав, тоа не може да биде доведено во прашање.
Таа е мошне паметна жена, свесна за сѐ и на крајот таа му беше соучесничка.
Таа помина низ истото низ што поминавме и ние, без разлика дали сака да си признае или не. Таа многу добро знае дека сето ова е вистина. Во таа смисла реков дека е соучесник. Таа е соучесник во лагите што и понатаму тој се обидува да ги пласира“ – рече Милена.
Инаку, дел од српските медиуми објавија и дека Мика и неговата сопруга Билјана имале договор, па на приемните испити на Факултетот за драмски уметности се форсирале учениците кои ја поминале неговата школа.
Погледнете го целото видео од гостувањето на Милена:
Прочитајте и „Ме притисна на клавирот и ми го крена здолништето“ – Милена Радуловиќ одговараше на прашањата на учителот што ја силувал
Б. С. Б. | Црнобело