„Ме притисна на клавирот и ми го крена здолништето“ – Милена Радуловиќ одговараше на прашањата на учителот што ја силувал
- Детали
- петок, 24 ноември 2023
„Прво бевте педагог, а потоа силувач и злоставувач. Ве молев тоа да не го правите, ме гледавте како венеам и уживавте во тоа“ – му порача Милена Радуловиќ на учителот Мирослав Мика Алексиќ додека одговараше на неговите прашања. Во потресното сведочење, актерката откри како тој ја силувал врз клавирот додека ја подготвувал за приемен испит.
Продолжува судењето на српската актерка Милена Радуловиќ (28), која го обвини за силување нејзиниот учител по глума Мирослав Мика Алексиќ (71), а вчера (23.11) во Палатата на правдата во Белград, актерката одговараше на прашањата на обвинетиот професор.
Присутните останаа вџашени кога актерката раскажа како учителот ја нарекувал ку*ва.
„Велеше дека сме болничарки, дека од нас нема да биде ништо... Редовно знаеше да нѐ праша: ‘Дали си ти сине ку*ва’ и да вели дека сите жени се ку*ви... Нѐ нарекуваше ку*ви, болничарки, домаќинки, продавачки во бутик...
На Јулија, постојано ѝ велеше дека нејзина единствена можност е да биде продавачка во бутик“ – раскажа Милена, а пренесуваат српските медиуми.
Таа рече дека овие навреди биле нешто најнормално за време на неговиот час, понекогаш само се смееле, а кога некоја девојка ќе била прозвана, само чекала да помине непристојниот говор од страна на учителот.
Според пишувањата во српските медиуми, најтежок дел од судењето бил оној во кој Мирослав самиот требало да ѝ поставува прашања на актерката. Тој намерно ја провоцирал, ѝ се смеел во лице, па и ѝ викал, заради што бил опоменат и од судиите.
Меѓу највоочливите прашања што тој ги поставил било она во кое ја прашува дали таа одлучила дека е силувана дури откако тој ѝ се јавил на телефон во 2019-та година.
Имено, Милена раскажа како Мика по премиерата на филмот „Balkanska međа“ ѝ се јавил од телефонот на неговата сопруга и ја навредувал и ја нарекувал старлета. Според учителот, ова бил пресудниот миг во кој Милена одлучила да ја раскаже приказната дека е силувана.
Меѓу другото, Милена детално раскажа и како се случило силувањето, а како што вели, тоа било за време на индивидуалните часови, додека таа се подготвувала за приемниот испит на Факултетот за драмски уметности.
„Јас се подготвував за приемен испит и своеволно доаѓав на часови на кои немаше никој друг освен мене, подготвував два монолога и за време на вежбањето на сцената, тој ме туркаше со своето тело кон пијаното.
Го оттурнував со рацете, но тој не отстапуваше, по што ми нареди да седнам на пијаното и тогаш сѐ се случи.
Седнав на делот каде што се клавишите, бев меѓу неговото тело и клавирот, со рацете ми ги рашири нозете и затоа што бев во здолниште, само ми ја повлече долната облека“ – раскажа таа.