Д-р Чадиковски го испрати дома најмалото бебе со срцева мана оперирано кај нас: „Животот е чудо“
- Детали
- среда, 15 јануари 2025
„Две близначиња - две срца поврзани уште пред да се родат. Едното бебе со срцева мана успеа да преживее благодарение на своето братче, кое му беше поддршка во утробата“ - вели детскиот кардиохирург, кој неодамна го оперираше бебето од само 980 грама.
На почетокот на декември 2024, детскиот кардиохирург, д-р Владимир Чадиковски, направи револуционерен потег кај нас, кога со својот тим оперираше срце на бебе тешко само 980 грама.
Скоро еден и пол месец подоцна, голготата на родителите, но и на момченцето заврши, а бебето е здраво и конечно си замина дома, каде што го чека неговото братче-близнак.
Д-р Чадиковски, кој досега има спасено животи на повеќе илјадници бебиња, на својот Инстаграм сега објави видео од бебето кое си оди дома.
„Две близначиња - две срца поврзани уште пред да се родат. Едното бебе со срцева мана (TGA) успеа да преживее благодарение на своето братче, кое му беше поддршка во утробата.
По раѓањето, веднаш ја направивме потребната операција, и денес со радост ги испраќаме дома - здрави и насмеани! Најмалото бебе што сме го оперирале досега - доказ дека секој живот е чудо.
Браво за тимот! #ЧудаНаЖивотот #СрцаШтоСпајат #МедицинскиХерои“ - стои во пораката.
Погледнете го видеото од радосниот момент:
А. Ј. | Црнобело