Познатите Македонци ни ги открија божиќните традиции: Дац меси лепче, Снеже Велков се капе во море
- Детали
- вторник, 07 јануари 2025
„За Бадник секогаш јас месам лепче со паричка и правам гравче тавче, но риба купувам зашто ме нервира пржењето. Гравот што го правам на сите им е број 1 - такво гравче тавче се јаде само кај мене дома и никаде на друго место“, вели за CRNOBELO.com Драган Спасов Дац.
Бадник и Божиќ за многумина се најубавите денови во годината, кога целото семејство е заедно, кога се слават животот, љубовта и среќата.
Исклучок од ова не се ни повеќето познати Македонци, кои уживаат во празниците поминати дома, во традицијата, во обичаите.
И додека едни месат лепче со паричка, други прават пита, но, сите се радуваат кога паричката ќе им се падне токму ним.
За празникот, адетите, детските сеќавања и топлината што им ја носат Бадник и Боќиќ, ни раскажаа неколку познати Македоноци и ни ги открија своите празнични традиции:
Снеже Велков
Омилени ми се коледарите кои од рано сабајле ве будат, па во полусон им давате бомбончиња и овошје додека стојат со отворени торби пред врата, насмеани и разграгани.
За жал секоја година ги има сè помалку но верувам дека традицијата нема да исчезне целосно.
За празниците сме знаеле и да отпатуваме, ама каде и да сме, тоа место за Бадник и Божиќ го претвораме во наш дом и сè што е поврзано со традицијата си го практикуваме.
Се случи еднаш, баш за Бадник, да нè завее снег во Банско и да не можеме да се вратиме дома, ама од хотелот ни организираа пита со паричка, посна трпеза и пак си уживавме во традицијата. Е тогаш беше единствениот пат кога мене ми се падна паричката.
За Бадник секогаш сама ја подготвувам трпезата со сите јадења - за мене тоа е голема радост. Посно гравче, посна пита со праз, па макало со компир, лук и везена пиперка, а има и еден специјалитет се вика свирипиле (оцет, зејтин, вода и лута пиперка), па печена тиква, компот од суви сливи...
Специјалност ми е колачот со суво овошје, сок од јаболко, овесно брашно и зачини, кои даваат таков шмек што целата куќа ми мириса на спокој.
Обично емисиите на „Нешто конкретно“ ги имаме снимено однапред од практични причини, бидејки во празничните денови тешко се наоѓаат гости, па претежно сум дома барем првата недела од јануари. Тогаш сакам да правам - ништо.
Од моите сум им ја пренела традицијата на децата дека откако ќе станеш од бадниковата трпеза, за што прво ќе се фатиш - тоа ќе ти оди во годината.
Јас и брат ми како деца се фаќавме за книгите, па за топките, како поголеми за некоја слика од девојка или дечко, а знам дека мајка ми и татко ми се фаќале за клучеви од работа демек работата да оди, баба ми за плодови да има род годината и слично.
Но, голема радост е тоа секој Бадник што и ден денес го практикуваме. Знае да биде многу забавно ако некој стане од софрата, а заборавил на адетот и да речеме се фати прво за даљинското или за перницата. Значи цела година ќе спие.
А јас од неодамна почнав баш на Бадник да се капам во море. Се надевам и годинава ќе ја продолжам традицијата.
Драган Спасов - Дац
За Бадник секогаш јас месам лепче со паричка и правам гравче тавче, но риба купувам затоа што ме нервира пржењето. Тоа е што се однесува до вечерата.
Инаку, преку ден, откако со Александар станавме кумови на градот Скопје, секоја година одиме во црква и потоа на ручек со новиот кум и здравичар.
Бадникарите ни станаа семејство и баш се радувам на овој ден.
После дочекот на Новата година, обавезно се собираме на семеен ручек кај нас дома, потоа доаѓа Бадник и Божиќ, е после тоа секогаш одиме неколку дена на одмор и на чист воздух.
Јас и сопругата сме вљубени во Крушево па каде и да одиме, во Крушево мора да поминеме некој ден.
Како што реков, јас сум готвачот дома кој по сите анкети од присутните ги спрема најдобрите јадења.
Мислам дека гравот што го правам на сите им е број 1. Такво гравче тавче се јаде само кај мене дома и никаде на друго место.
Што се однесува до празничните сеќавања од детството, секако дека ги имам, и тоа им го раскажувам на моите деца.
Убавите спомени остануваат засекогаш, а традиционалното треба да се негува како јазикот. Традицијата е важен дел од постоењето на еден народ, таму ни се корените, таму е сè!
Катарина Ивановска
За мене Нова година и Божик, и сите овие празници, навистина не претставуваат нешто посебно.
Не сум некој човек што сака да кити елка или дека мора да се кити елка кај нас.
Никогаш не сум била во новогодишна еуфорија дека едвај да чекам да ја испратам старата, да ја дочекам новата година.
За мене 31 декември и 1 јануари, славењето навечер или преку ден, се како секој друг ден, како понеделник и вторник.
За Божик се собираме дома за ручек, ама, пак ќе кажам, без многу возбуда, туку како што се собираме за секој саботен ручек.
Мајка ми, како и во секоја куќа, секогаш подготвува сарми, подварок, обланди - тоа е на менито.
Инаку, сарми никогаш не сум виткала, ама оваа година се надевам дека ќе ѝ помогнам на мајка ми и ќе ме научи.
Во овој период од годината секогаш сум дома, дури и во периодот кога работев и живеев во Њујорк.
Некое сеќавање од детството поврзано со овие празници или традиција која сакам да се пренесува и на моите деца - немам.
Всушност, толку ноншалантно одговарам на овие прашања зашто сестра ми, која е 8 години постара од мене, никогаш не ми дозволувала да ја китам елката, да чепнам лампион или да ги ставам светилките на елката и најверојатно таа „траума од детството“ ми се пренесува и денес и навистина немам желба да китам.
Па, за жал, тоа им го пренесувам и на моите деца, а ги гледам дека ни тие не се нешто многу возбудени околу Нова година.