Татко му го напуштил кога бил мал, сопругата ја зел „бегалка“ – Факти за животот на Дино Мерлин
- Детали
- среда, 22 ноември 2023
Кога имал само 17 години се вљубил во сопругата со која е во среќен брак до денес и заедно имаат две деца. Нeговите песни се инспирирани од најтешките мигови во животот, а во периодите кога страдал од депресија и бил на лекување напишал еден од неговите најголеми хитови „Ја потпуно трезан умирем“ – Факти за животот на Дино Мерлин што можеби не сте ги знаеле.
За кариерата на босанскиот пејач Дино Мерлин (61) нема што да се зборува премногу. Неговите песни речиси веднаш штом ќе излезат ја освојуваат публиката на Балканот, а вистината е дека тие се инспирирани од неговиот приватен живот кој е исполнет со голем број воздигнувања и падови.
Дино досега има освоено голем број награди, а освен што ја освојува публиката со песните што тој самиот ги изведува, досега напишал и голем број други песни за своите колеги.
Речиси секогаш билетите за неговите концерти се однапред распродадени, а публиката во еден глас ги пее неговите стихови.
Во продолжение ќе се сконцентрираме повеќе на приватниот живот на босанскиот пејач, кој со години наназад е еден од најпознатите балкански музичари:
Дино Мерлин е роден во 1962-ра година како Един Дервишхалидовиќ, во сиромашно семејство. Како дете останал да живее сам со мајка му, затоа што татко му ги напуштил.
Тој ретко зборува на оваа тема, но во една пригода рече дека му простил за сè на татко му, но дека никогаш нема да го заборави тоа што му го направил.
Дино како дете многу сакал да свири гитара, но тешката финансиска ситуација во домот го натерала да работи тешки физички работи уште додека бил мал, па работел во фабрика за да ѝ помогне на мајка му.
Во овој период Дино свирел само повремено, сè до 1983-та година кога ја формирал групата „Мерлин“, по која ќе го добие и уметничкото име Дино Мерлин.
Во едно од своите интервјуа Дино истакнал дека најголемата поддршка за да се занимава со музика ја добил од соседот Алија Миладин, на кого пејачот му ја посвети песната „Тамо гдје је сунце“, откако тој загинал во војната во Босна.
Во 1990-та година кога групата „Мерлин“ се распаднала, Дино продолжил да гради соло кариера.
Дино долги години е во брак со сопругата Амела, што ретко ја покажува во јавност, а нивната љубовна приказна наликува на оние за коишто често сме слушале во народните приказни, или во драмите. Тие двајца заедно имаат две деца, ќерката Наида и синот Хамза, од кого добија и внук.
Кога Дино и Амела се запознале, нејзините родители биле добро ситуирани, а тој бил сиромашно момче со несигурна кариера. Тие воопшто не сакале нивната ќерка, која била студентка по архитектура, да биде во врска со сиромашно момче, па не ѝ дозволувале да се гледа со него.
Во една пригода, Дино рече дека нивната љубов сепак била посилна од сè.
„Се боревме, се криевме, но никој не можеше да не раздели. По пет години врска се венчавме во тајност. Тоа беше романтична венчавка иако јас мојата сопруга буквално ја киднапирав.
Со нас беа само мојот кум и сестра ѝ на Амела, која беше кума. Говорот на матичарката беше предолг, па постојано гледав во вратата некој да не дојде и да ни ја расипе среќата“ – откри тој.