„Не, јас не сум Милена Радуловиќ и не би можела да бидам – Зошто?“
- Детали
- сабота, 23 септември 2023
„Замислувам што ѝ се случува во главата додека седи во Палатата на правдата и по којзнае којпат одговора на прашањата над кои се згрозуваме. Си помислува ли: ‘Што ми требаше ова?’’ – прашува новинарката Ана Калаба, во нејзиниот текст за сведочењето на Милена Радуловиќ на суд против учителот по глума, обвинет за силување.
Судењето на Мирослав Мика Алексиќ (71) привлече големо внимание кај медиумите во регионот, токму поради тоа што една од жртвите беше и актерката Милена Радуловиќ (28), која стана најпозната по улогата во филмот „Тома“, каде ја глумеше сопругата на славниот музичар.
Прашањата што адвокатите на одбраната ѝ ги поставија на Милена за време на судењето предизвикаа лавина реакции во регионот, а голем број новинарки и јавни личности кои присуствуваа на судењето напишаа обемни текстови во кои го изнесоа сопственото мислење за тоа што се случувало.
Новинарката Ана Калаба за порталот Nova.rs напиша текст за тоа колкаво е значењето на храброста на Милена која прва одлучи да застане и да му се спротивстави на човекот кој сексуално ја злоставувал додека била девојче.
Накратко ги пренесува сопствените емоции и ставови околу судењето.
Нејзиниот текст во целост:
„Замислувам што ѝ се случува во главата додека седи во Палатата на правдата и по којзнае кој пат одговора на прашањата над кои Србија денес се згрозува. Си помислува ли: ‘Што ми требаше ова?’
Посакува ли само да истрча и да се сокрие на некое безбедно место додека сѐ да заврши? Не, нејзиниот поглед не издава такви дилеми.
Успева дури и да ја задржи восхитувачката смиреност и достоинство пред адвокатот кој срамотно ја карикира и ја банализира нејзината траума и пред судијата што тоа го дозволува;
Пред медиумите кои лакомо ги бележат ‘сочните детали’ и аудиториумот кој и понатаму не се срами да ја праша: ‘Зошто толку долго молчеше?’;
Пред човекот кој ѝ се потсмева од обвинителната клупа, наизглед целосно безгрижен, иако е обвинет за четири кривични дела силување и пет кривични дела полово вознемирување.
Делува како да ѝ се суди само нејзе. И не само нејзе...
Се замислувам себеси во таа одвратна сцена на соочување.
Мислам дека не би можела да го погледнам во очи својот „злотвор“ од детството, а да не се расплачам. Или само ќе се изгубам така што нема да можам ниту да прозборам, ниту да се поместам, како кога сум била девојче. Или да не дофатам некој остар предмет...
Не би можела да одговарам на прашања што ме тераат повторно да ја преживувам траумата од минатото и тоа до толку одвратни детали, кои и кога ќе ми се вратат во кошмарите се обидувам да се убедам себеси дека само сум ги замислила. Да, јас најдов начин да продолжам понатаму, зошто би копала сега по тоа?