„Брутално ме претепа додека вежбавме“ – Милена Радуловиќ се соочи на суд со професорот кој сексуално ја вознемирувал, колегите масовно ја поддржаа
- Детали
- вторник, 19 септември 2023
Актерката која на балканската јавност ѝ стана најпозната по улогата во филмот „Тома“ каде ја толкуваше улогата на првата сопруга на познатиот српски пејач, Милена Радуловиќ денес (19.09) се појави на судското рочиште против нејзиниот професор по глума Мирослав Мика Алексиќ кој е обвинет за силување и недозволен полов напад врз неа и врз други девојки.
Судењето започна во 2022-ра година, а вкупно 7 девојки покренаа обвинение против професорот.
Фото: YouTube - принтскрин
Досега вкупно 4 жртви сведочеле, а својот исказ денес (19.09) го даде и актерката Милена Радуловиќ која за првпат се соочи со нејзиниот учител.
Милена на судењето дојде со нејзиниот дечко Огњен Јанковиќ кој е познат како пејач на групата „Београдски синдикат“, а работи како режисер.
Освен од дечко ѝ и родителите, Милена доби голема поддршка од голем број колеги коишто се собраа пред судот во Белград за да ѝ дадат поддршка, а на Инстаграм се споделуваат сториња со нејзиното име во знак на почит и поддршка.
Милан Мариќ, Наташа Беквалац, Александра Томиќ... Ова се само дел од познатите личности што денес застанаа во одбрана на младата актерка и ѝ дадоа поддршка.
Милена, пак, пред судот раскажа зошто толку долго време молчела и не пријавувала што се случува.
Таа изјави дека се плашела затоа што покажал дека има моќ и дека може да манипулира со неа за време на вежбите, па така во една пригода пред група ученици во училиштето брутално ја претепал и тврдел дека тоа е само вежба.
Таа наведе дека учителот ѝ удирал шамари, ја тепал со рацете, удрила со главата во ормарот за на крај да сфати дека сето тоа не е вежба.
Инаку, Милена Радуловиќ беше првата ученичка на Мирослав Алексиќ која го пријави во полиција, а потоа се охрабрија и другите девојки. Тие тврдат дека тој ги допирал за градите, ги испитувал дали имале претходно секс, им упатувал навредливи коментари...
Тој е обвинет за четири кривични дела силување, од кои две се со продолжено траење и пет кривични дела за сексуално вознемирување, од кои два случаи се со продолжено траење.
Тој беше уапсен и до септември 2021-ва година беше во притвор, потоа остана во домашен притвор до март 2022-ра година, а потоа беше ослободен да се брани од слобода.
Прочитајте и Како Милан Мариќ ја одбрани колешката Милена Радуловиќ по погрдните коментари за секс сцените во „Тома“?
Б. С. Б. | Црнобело