Инспиративната Србинка без раце за мајчинството: „Не сакам помош, хендикепот не ме спречува да се грижам за ќерка ми“
- Детали
- четврток, 06 април 2023
Кога се родила Дејана Бачко, позната како „Девојката со крилја“, лекарите предвиделе дека нема да преживее, па првите пет години ги поминала во дом за деца без родители. Дури откако се вратила кај семејството, таа научила како да функционира самостојно. Сега вели дека најголем предизвик ѝ е да научи како сама да се грижи за своето бебе.
Српската паратеквондистка и сликарка Дејана Бачко (28) од Нови Сад, неколку години наназад привлекува внимание со тоа што иако е родена без раце, не дозволува хендикепот да ја спречи да го живее животот во полн здив.
Нема раце, но на социјалните мрежи е позната како „девојката со крилја“.
Дејана неодамна стана мајка на малата Лара, а вели дека мајчинството во целост ја променило, како и дека има огромна помош од сопругот Марко.
Хрватскиот портал 24sata ја пренесува тажната животна приказна на храбрата Србинка.
Имено, мајката на Дејана, Сандра, го родила девојчето кога имала само 19 години, а лекарите ѝ рекле дека нема да живее подолго од 48 часа. Поради ова, ја советувале да се откаже од ќерка си веднаш по породувањето.
„Потоа ми рекоа дека таа не преживеала. По пет години од весниците откривме дека Дејана е во дом за деца без родители.
Отидовме таму и си ја зедовме дома, така што таа од својата петта година живее во своето семејство“ – раскажа во една прилика мајка ѝ, и рече дека заради потписот со кој се откажала од девојчето, никој од домот не смеел да ја информира дека Дејана преживеала.
Дури откако се вратила дома, Дејана почнала да учи како да функционира самостојно – да се облекува, да го намести креветот или да заврши нешто во кујната.
„Никогаш не дозволив да ме ограничува во животот тоа што сум родена без раце. Со мајка ми Сандра, која ми е најголема поддршка, можам сѐ.
Единствено не можам да си го закопчам копчето на фармерките. Секогаш се прашувам зошто баш јас сум вака родена, но Бог така сакал – можеби не ми дал раце, но ми дал други таленти“ – рече таа.
Дејана нижеше голем број успеси со теквондото, заврши уметничко училиште, па потоа и факултет за уметност. Се вљуби и се омажи за Марко Незиќ и неодамна стана мајка.
Дејана е пример за личност што не дозволува хендикепот да ја кочи во животот, а сега даде кратка изјава за тоа како се снаоѓа како мајка.
„Имавме поголема помош од семејствата додека да научиме како и што треба да правиме, а потоа самостојно влеговме во ритам. Не ни треба помош од никого, иако многумина ни помагаат.
Најубави се емоциите, одговорноста и љубовта што родителството ги носи. Она што беше предизвик, е да најдам начини како самостојно да ја чувам Лара.
Како да ја кренам, како да ја нишкам, како да ја хранам, како да ја пресоблечам. Со малку желба, помош и волја, за сѐ се наоѓа решение“ – истакнува оваа храбра девојка.
Таа вели дека во моментов има огромна помош од сопругот Марк и дека засега не размислуваат за други деца, но никогаш не се знае што ќе донесе иднината.
Погледнете како Дејана сама се грижи за својата 2-месечна ќерка:
Б. С. Б. | Црнобело