Анџела од Тетово: „Чувам питон, полжав, тарантули и две лебарки, змијата неверојатно ме смирува“
- Детали
- среда, 22 март 2023
„Змијата ми беше првиот необичен миленик и на почетокот мислев дека таков тип на животно ќе ми предизвикува страв, поради непредвидливиот карактер, но всушност многу ме смирува. Лебарките, пак, првично ги зедов како храна за тарантулите, но решив две од нив да чувам како миленичиња“, вели Анџела (25) од Тетово за CRNOBELO.com.
Анџела (25) од Тетово вели дека во животот има многу интереси, но најмногу ја обележува љубовта кон животните.
Таа се занимава со повеќе работи, меѓу кои и правење фотосесии со фотографката Мартина ин Вондерграм со која започнала да соработува, баш поради заедничкиот интерес за животни, особено несекојдневните животни.
Досега имале фотосесии со змија, кучиња, тарантули, стаорци, був, зајаци итн. и вели дека имаат уште многу планови допрва.
Сепак, најважни работи периодов ѝ се нејзините деца и студиите и вели дека никогаш не е доцна за остварување на своите соништа.
Во интервју за CRNOBELO.com Анџела говори за својата страст кон животните:
Колку миленици чуваш дома во моментов и зошто токму нив?
Во моментот имам 5 вида миленици, поточно змија (леуцистичен ројал питон), мачка, афрички гигантски полжав, две тарантули (познати како мексикански огненоноги тарантули) и лебарки кои првично ги зедов како храна за тарантулите, но решив две од нив да чувам како миленичиња.
Зошто токму нив, ух, љубител сум на адреналин, на природата и на животните и инсектите како дел од неа.
Сакам необични работи уште од мала, а конкретно за змија, сакам уште од околу 5-годишна возраст. Од прилика на таа возраст и првпат видов и фатив змија во природа, која за среќа не била опасна.
Змијата беше мојот прв, да кажам, необичен миленик по кој следеа и неколку други. На почетокот мислев дека таков тип на животно ќе ми предизвикува страв поради непредвидливиот карактер, но всушност многу ме смирува.
Имаше ли некој член од семејството кој првенствено беше против?
Како што и претходно кажав, ги сакам сите животни и инсекти уште од мала и како мала на моите родители им кажав дека кога ќе пораснам ќе имам своја мини зоолошка, на кое секако гледаа како на детска фантазија и кога зедов змија беа малку негативно изненадени.
Но, со оглед на тоа што е сосема безопасна немаат проблем со неа и им е донекаде интересно - на дистанца.
Инаку, живеам со моите две деца и моментално сум единствена која се грижи за милениците.
Како реагираат луѓето на твоите миленици?
Обично се изненадени. Некои реагираат со страв, некои со восхит, некои немаат никаква реакција, а некои не сакаат да ми дојдат на гости.
Сметам дека стравот е нормална реакција затоа што многу малку се запознаени со видовите и начинот на нивното функционирање, сепак не се егзотичните животни баш распространета тема на интерес.
Како реагираат милениците кога ти доаѓаат гости? Постојат ли правила што смеат, а што не смеат да прават гостите кога станува збор за односот кон милениците?
Освен мачката, другите миленици немаат реакција на гости, веројатно затоа што скоро никој не се осудува да им се доближи и да ги допре.
Особени правила нема, освен ако некој сака да ги допре или да се фотографира со нив, тогаш им укажувам на правилниот начин на кој се „ракува“ со животното.
Какви услови се потребни за да се чува змија?
За животните кои моментално ги имам условите кои им се потребни не се многу комплицирани.
Змијата ја чувам во терариум со грејач, температурата треба да е околу 30°С, но и да има простор на кој нема грејач, чијашто температура не треба да е пониска од околу 24-5 степени.
Влажноста во терариумот е исто важна особено кога змијата менува кожа, како и ставањето на змијата во, на пример, кутија со млака вода од време на време.
Исто така, пожелно е змијата да има гранки за качување и простор за криење. Тарантулите и полжавот бараат од прилика слични услови, разликата е во тоа што просторот во кој се чуваат е помал од оној на змијата.
Друго нешто кое е важно е циркулацијата на воздухот во терариумот.