Анџела од Тетово: „Чувам питон, полжав, тарантули и две лебарки, змијата неверојатно ме смирува“
Опасни ли се змијата и тарантулата?
Ројал питонот не претставува опасност, дури е и на првото место за најмирни или најбезопасни змии во светот, а нашата змија мислам дека може да биде и на прво место за мрзеливост, затоа што ако не е на некој начин поттикната да се движи, може и со денови да не се помести од место.
Најчесто кога ќе се спомене питон луѓето се плашат дека може да ги задави, но со овој питон тоа е невозможно, затоа што најпрво ја нема таа сила со која би наштетила на човек или на некое животно, освен на помали глодари и нема пријавен смртен случај со овој вид на питон.
А кога ѝ давам слобода да се движи надвор од терариумот, секако под мој надзор, обично бира темни места на кои би се скрила, а омилена активност и е плеткање во коса.
Тарантулите исто така се едни од најмирните видови и не се опасни, освен ако некој е алергичен. Шансите да нападне се многу мали, а угризот е од прилика како убод од оса.
Но, сепак да напоменам, простор за опасност нема воопшто затоа што се безбедно сместени и нема шанси да излезат од живеалиштата без јас да ги пуштам.
Моментално најопасното милениче дома ни е мачката.
Како ѝ го одржуваш живеалиштето на змијата и колку често ѝ го чистиш? Со што се храни? Пие ли вода?
Змијата живее во терариум со клуч, чиј преден дел е од стакло. Најдолу има грејач, а над грејачот има мешавина од пелети и струготини од дрво.
Во терариумот има камен сад со вода, големо парче дрво со дупки за криење и гранки и череп.
Терариумот го чистам по потреба, бидејќи змиите многу малку и многу ретко прават ѓубре и нечистотија.
Се храни со стаорци, 2-3 пати месечно, а достапна чиста вода треба да има секогаш. Змиите се прилично економични миленичиња.
Си имала ли некој немил настан со змијата?
Не сум имала некој немил настан, повеќе може да се каже дека првиот месец чувствував малку несигурност кога ја држев, затоа што ми беше прво такво милениче.
Сака ли галење? Кој ѝ посветува најмногу внимание?
Најмногу внимание ѝ посветувам јас, а за галењето, иако змиите не сакаат да се вознемирувани и држени долго време, досега за овие 2 и пол години не покажала отпор, ниту кон мене, ниту кон другите кои сакале да ја држат.
Всушност, препорачливо е да се држи барем час или два во текот на денот за да се навикне на тоа и да не ѝ е стресно.
Како избра да чуваш тарантула? Зошто токму тој вид?
Тарантула сакав да чувам уште пред скоро 10 години, единствена разлика е типот на тарантула која сакав да ја чувам тогаш и кој одлучив да го чувам сега.
Овој вид го избрав затоа што е еден од најбезбедните, со оглед на тоа што имам две малечки деца. А за тоа како избрав, едноставно би сакала да чувам сè за кое имам можност и услови.
Какви се живеалиштата на тарантулите, со што ги храниш и какви навики имаат?
Живеалиштата на тарантулите се стаклени и секако помали од тие на змијата.
Во долниот дел имаат хумус и неколку гранки кои не се баш корисни за нив, туку повеќе се од естетски причини, бидејќи тоа се тип на тарантули кои копаат и се кријат во земјата, па затоа и живеалиштето потребно е да биде пошироко и не многу високо.
Тарантулите ги хранам со лебарки еднаш до два пати неделно.
Мирис не испуштаат, а во врска со спиењето не би можела да кажам од лично набљудување, освен дека се поактивни навечер.