Ива Матиќ, прва жена пилот во Wizz Air од Македонија: „Одговорноста е иста – без разлика дали има двајца или двесте патници“
- Детали
- четврток, 09 февруари 2023
Ива Матиќ (34) веќе 11 години работи како пилот. Таа беше првата жена воен пилот во Македонија, а сега е и првата жена пилот во Wizz Air од Македонија. Горди сме на неа... „Распоред добивам за цел месец за летање со Wizz Air, и тоа околу 2 недели пред тој да започне. Јас ја имам одговорноста како пилот успешно да полетам, да го извршам летот, и да слетам. Воопшто не е рутина. Секој лет е технички различен, дури и да е на истата рута“, ја започнува Ива својата приказна за CRNOBELO.com.
Ива Матиќ (34) од Скопје е дипломиран инженер и магистер по електротехника (област компјутерско системско инженерство и автоматика) на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Има завршено обука за воен пилот во Армијата на Република Македонија, завршена обука за комерцијален пилот на патнички авион во Литванија и Шпанија, и завршена обука за тип на авион Airbus A320/A321 во Тулуз, Франција.
Моментално работи како пилот во авиокомпанијата Wizz Air од октомври 2021, а од септември 2022 е базирана во Скопје.
Таа е првата жена пилот во Wizz Air од Македонија.
За CRNOBELO.com Ива споделува детали за својата професија:
Какво е чувството да се управува патнички авион? Но, и одговорноста... Дали по извесен период возбудата се претвора во рутина?
Одговорноста е голема без разлика дали се два патника или двесте, или пак воздухопловот е празен.
Јас ја имам одговорноста како пилот успешно да полетам, да го извршам летот, и да слетам. Воопшто не е рутина. Секој лет е технички различен, дури и да е на истата рута.
Летам постојано во различни држави низ Европа: Германија, Англија, Италија, Франција, Норвешка, Шведска, Холандија, Белгија и др.
Чувството е секогаш возбудливо и уникатно, и со ист интензитет.
Како ти изгледа работниот распоред? Спиеш ли по различни земји во светот?
Распоред добивам за цел месец, и тоа околу 2 недели пред тој да започне.
Има многу разни дестинации од оние на кои Wizz Air лета од Скопје. Не преноќуваме во други земји, туку сите летови се во рамките на работното време во истиот ден, и последното слетување е секогаш во Скопје.
Но, понекогаш компанијата има потреба од пилоти во некоја од другите држави од кои Wizz Air има летови, па одиме на неколку денови да летаме од таа држава.
Колку си во комуникација со кабинскиот персонал?
Постојано, како пред летот за време на брифирањето пред претстоечкиот лет, така и во текот на самиот лет.
Има одредени процедури кои мора да се извршат во текот на самиот лет, па и оттаму постојаната комуникација.
Кабинскиот персонал е клучен фактор за извршување на еден лет со патници.
Моментално ти ја имаш функцијата на копилот во Wizz Air...Каква е улогата на копилотот?
Така е, јас сум копилот (анг. First Officer). Улогата е подеднаква како на капетанот, така и на копилотот, и двајцата заедно го управуваат авионот, со тоа што капетанот ја носи крајната одговорност.
Каква униформа носиш?
Од фотографиите може да се увиди, тоа е класична пилотска униформа, кошули со кратки и долги ракави, темно сини панталони, вратоврска, има и марама за пилотките, палто, џемпер, јакна, шал, еполет и пилотскиот знак – крилата кои се носат на левата страна од горниот дел од униформата и секако се мој омилен дел од целата униформа.