Моника за свадбената бајка со ракометарот Филип Кузмановски: „Првиот танц и огнометот нема никогаш да ги заборавам“
- Детали
- четврток, 05 јануари 2023
„Од свадбата би издвоила неколку моменти кои за мене ќе останат незаборавни: првиот танц на песната „I’m your lady“, огнометот под отворено небо и реченицата на Филип на крајот на вечерта кога ги испративме сите гости: ‘А што викаш јас и ти вака да си правиме вака на секои две-три години?’“, споделува Моника Кузмановска (27) за CRNOBELO.com која сега со нејзиниот сопруг, ракоментниот репрезентативец Филип Кузмановски (26) живее во Германија.
Моника Кузмановска (27) од Велес и нашиот ракометар Филип Кузмановски (26) од Битола на 1-ви јули 2022 ја овековечија својата љубовна приказна со прекрасна свадбена церемонија во Скопје.
Парот моментално живее во Хановер, Германија, поради работните ангажмани на Филип.
Моника за CRNOBELO.com споделува детали за нивната љубовна приказна:
„Уште од мала имав јасна визија за својот живот и со сигурни чекори одев кон таа цел, сè додека не се појави Филип.
Мислев дека ништо не може да ме оттргне од таа замисла, бев одличен ученик и одличен студент и некако имав мапирано во која насока сакам да ми оди животот, од друга страна растев во семејство полно со љубов и токму љубовта и емоциите имаат голем дел во одлуките коишто ги носам во целиот живот.
Целиот мој живот е исполнет со спорт, моите родители биле одбојкари, а по нивните стапки и јас уште од рана возраст тренирав одбојка, мојот тетин и братучедите се ракометари.
Спорт, сали, натпревари, победничкиот дух секогаш биле дел од мојот живот. Познато ми беше како функционира сè, уште пред да го запознаам Филип.
Со Филип се запознавме сосема случајно, иако веќе знаевме еден за друг. Јас сум човек кој верува во судбински моменти и сакам да верувам дека нашето запознавање беше еден од нив.
Нашата врска се одвиваше брзо иако бевме млади, тој имаше 22 години, јас 23 години, уживавме во заедничкото време, па по неколку месеци веќе започнавме и заеднички живот.
Еден од најемотивните моменти беше чинот на запросување. Познато беше дека Филип треба да се сели во Бундеслигата, па некако постоеше интерен договор дека ќе пробаме врска на далечина, но кој го знае Филип знае каков човек е - тоа што го намислил ќе го направи.
Ги покани нашите најблиски по повод прославување на роденден и поздравување пред да замине, ме покани да танцуваме и тоа беше навистина емотивен момент за нас и нашите семејства. Тогаш ме запроси...
Животот во странство знае да биде осаменички, спортскиот професионализам не познава празник и слободен ден. Често знаеме да си кажеме „ќе живееме и ние здравје после 35-тата“.
Со оглед на тоа дека бевме млади кога го почнавме заедничкиот живот можам да кажам дека странството и одделеноста од семејството и пријателите нѐ зајакна карактерно и емоционално. Се потпираме еден на друг, се поддржуваме и мотиривираме.
Филип е голем работник, кај него нема денес баш не ми се тренира, нема кажано дека му е напорно или дека му треба одмор, воден е од емоции и голема желба за успех и затоа решив да „седнам на задното седиште“.
Јас сум негов најголем и критичар и најголем поддржувач, па понекогаш се чувствувам дека моите амбиции ги преживувам преку него.