Филип Костовски, чевлар: „Ги поправив најскапите чизми што сум ги видел, чинат над 4.500 долари“
- Детали
- среда, 07 февруари 2024
„Чизмите за поправка ги донесе Македонка која работи во странство. Нè пофали за посветеноста, но напомна дека чизмите ги купила на попуст 2.870 долари, а дека редовната цена е речиси двојно поголема“, вели чевларот Филип Костовски, кој поправи чизми од брендот Givenchy, слични на оние што ги обожава Ким Кардашијан.
Чевларот Филип Костовски од Скопје неодамна имаше необично искуство - во неговата чевларска работилница, Македонка која работи во странство донела едни од најскапите чизми во светот за тој да го коригира оштетувањето на кожата.
Чизмите од брендот Givenchy, какви што носи и Ким Кардашијан, чинат околу 4.500 долари, па овој млад чевлар, за CRNOBELO.com откри дека ги работел скоро цел ден, со многу внимание, како што се бара од овој занает.
Филип не крие дека го обожава занаетот што го работи повеќе од десет години и често вели дека занаетите мора да се негуваат, но и дека му е жал што сè помал број млади луѓе денес се занимаваат со оваа професија.
А Филип, кој е познат по тоа што во неговата чевларска работилница „Doctor Shoes“ прави чуда на старите, износени чевли, овој пат со посебна возбуда ни раскажа за чизмите кои ги носат дамите од светскиот џет сет, а кои сега дошле во неговата работилница.
„Овие чевли во мојата работилница ги донесе девојка која живее во Македонија, но работи и во странство. Кога дојде во нашата работилница, таа ја пофали нашата работа и посветеност и ни го откри проблемот со чизмите.
Ни напомна дека чизмите ги купила 2.870 долари, а дека нивната редовна цена е двојно повеќе, односно 4.540 долари“, ја започна Филип својата приказна.
Тој вели дека на девојката не ѝ била битна цената на поправката, ниту пак времето што ќе му биде потребно да го среди оштетувањето.
„Таа само сакаше сè да биде како што треба и да ги сработиме без брзање.
Чизмите имаа физичко оштетување во делот на кожата, и тоа на специфично место, па моравме да ги исфарбаме и полираме на одредени делови. Но, тоа ни беше многу отежнато поради висината на чизмите.
Затоа дојдов уште во 7 часот наутро, кога нема никој, за да можам без прекин да го завршам процесот на коригирање.
Процесот на фарбање и полирање има неколку фази, но најбитна беше подготовката за фарбање. Но, целата процедура се завршува за 3-4 дена“, вели Филип.
Тој ни кажа дека луѓето често носат скапи чевли во неговата работилница, но дека овие се најскапите што ги поправал.
„Луѓето најмногу на корекција носат чевли и патики кои се поскапи, или парчиња кои им значат и сакаат да ги поправат за да може повторно да ги носат“, вели тој.
Во работилницата на Филип стои и известување во кое вели дека „Чевли со кал, мокри и неисчистени не се примаат на поправка“.
„Да, тоа е напомена и мислам дека е океј. Ние не бараме да бидат перени, нормално е, се гази по пат, но не толерираме и не примаме чевли кои ги носат со кал, со влакна од миленици, чувани во подрум со прашина и пајажина...
Мислам дека не е во ред да ни ги носат така, бидејќи сигурно дома не ги внесуваат вака валкани.
За среќа, 90% од клиентите ги носат чевлите чисти и имаме одлична соработка. Некои добиваат опомена за следен пат, а само мал број не ги примаме“, ни откри Филип.
Прочитајте и Филип Костовски, чевлар: „Чевлите нема да се прошират ако ги ставите во замрзнувач – ќе се оштетат“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело