Ана Аврамовска, писателка: „Се вратив од Мелбурн во Куманово да го пишувам мојот роман, бев инспирирана од мојот роден град“
- Детали
- среда, 21 декември 2022
„Јас заминав во Австралија сама на само 18 години. Додека го завршував првиот факултет понекогаш работев и по три работи, а учев по цели ноќи. Сега се вратив во Куманово за да го напишам мојот роман, каде се спомнува речната плажа во Куманово која до неодамна постоела... “ - раскажува за CRNOBELO.com Ана Аврамовска.
Ана Аврамовска (30) од Куманово која долго време живее во Австралија, по дипломирање на Универзитетот во Викторија, започнува да работи во Канал 7 во Сиднеј, на ТВ-шоу.
Повторно дипломира со две специјализации на Универзитетот за уметност во Сиднеј – во областа лингвистика и по англиски јазик – каде што во 2017 година е наградена за натпросечен успех, најдобар во генерацијата.
Годинава се врати во родниот град за да го заврши својот роман „Водни тела“, кој денес во 19 часот ќе биде промовиран во „Занаетчиски Дом“ Куманово.
За CRNOBELO.com Ана споделува интересни информации...
Ана, пред неколку дена од печат излезе твојата прва книга „Водни тела“. Какви се водните тела за коишто пишуваш?
На некој начин сите ние сме водни тела. Мe интересираше што може да придонесе овој факт за продлабочување на нашата врска со другите луѓе, со животните и со природата.
Па пробав да го проблематизирам битисувањето на луѓето на оваа планета како одвоени и супериорни во однос на природата. Сакав да ги разводенам границите кои го разделуваат човекот од самиот себеси, од природата и од другите околу него и така да го истакнам концептот на меѓуповрзаност.
И мислам дека водата, гледана низ призмата на филозофијата и естетиката, е одличен пример за меѓуповрзаноста на сé во светот кој нè опкружува.
Од Мелбурн се врати во Куманово за да го пишуваш својот роман, како се одвиваше процесот на пишувањето и колку твојот роден град беше инспиративно место за творење?
Куманово е град каде текот на времето е видлив. Многу места каде што времето е видливо, а животот тече навидум недопрен од него, неретко за мене стануваат извори, можеби не баш на инспирација во класичната смисла на зборот, туку на длабока контемплација и креативност.
Згора на тоа, Куманово е градот каде што израснав, каде што израснале моите родители, моите баби и дедовци, дури и моите прабаби и прадедовци.
Поради тоа јазолот кој ги поврзува сите овие генерации е преплеткан и вкоренет длабоко во мене. Истовремено, Куманово е град кој има ја има претрпено и сè уште ја трпи маката од транзицијата.
Местата кои некогаш биле столбови на социјалниот живот на нашата заедница сега стојат разрушени и опустошени.
Но животот, културата и за мене најинспиративниот аспект—уметноста, сепак наоѓаат начин да се издигнат над сето тоа и да опстануваат во оваа место кое се наоѓа на меѓата меѓу новото и старото и изобилува со можности за инспирација ако сме спремни да ја побараме.
Гледајќи ги сите оние Кумановци, кои и покрај сé творат за и од маргините, не ми преостана избор освен да гледам на мојот роден град како инспиративно место за творење.
Со таков светоглед го започнав пишувањето на романот, и за среќа со таков и го завршив.
Што најмногу те инспирира додека пишуваш и ти помага да го задржиш моментумот на инспирација?
Сè зависи од тоа што пишувам и од околностите.
Но додека го пишував романот „Водни Тела“ најголема поддршка ми беше мојата уредничка Милена Сиљаноска од Издавачки Центар ТРИ.
Нејзината посветеност и љубов кон јазикот и литературата, и нејзината верба во романот ми беше најголемата инспирација и поттик да продолжам да пишувам.
Зборовите на Стивен Кинг ги разбрав искуствено: „Да се пишува е човечки. Да се уредува е божествено.“
Главната хероина во книгата од својата баба открива дека во Куманово некогаш постоела речна плажа. Што е навистина точно. Која е реалноста за оваа плажа и какви приказни кружат за неа низ Куманово кај постарата генерација?
Точно. Во Куманово не многу одамна постоела речна плажа што воедно значи и дека реката не многу одамна била чиста и длабока.
Всушност на реката имало две плажи, едната за деца, а друга за возрасни поради длабочината на речното корито на тоа место.
Од приказните на баба ми дознав дека плажата била еден од столбовите на социјалниот живот на Куманово и релјефот освен природна убавина во себе носел и илјадници лични приказни за пријателства, љубов и радост.
Дозна ли зошто повеќе не постои плажата во Куманово?
За жал на оваа прашање не постои едноставен одговор. Исчезнувањето на еден природен релјеф ретко се случува одеднаш и ненадејно. Она што најмногу ме интересираше е што дозволило да исчезне речната плажа.
Дали таа морала да исчезне првин од приказните на луѓето или обратно. Она што сум сигурна дека игра огромна улога е нашата неможност да ја согледаме меѓуповрзаноста на природата и културата, на важноста која речната плажа ја имала за нас и за нашата заедницата.
Така всушност и се градела и подготвеноста на луѓето да го изгубат релјефот.
Да се вратиме малку во минатото. Како изгледаше Куманово од твоето детство и средношколски години?
Куманово во минатото го паметам најмногу по претставите во Кумановскиот театар. По снежни зими и по прошетките кои беа начинот на кој се дружевме, што сега скоро е невозможно поради огромниот број на возила паркирани на тротоарите.
Градот не го паметам толку загаден како што е сега, што мислам дека ова важи, не само за Куманово, туку за многу градови низ Македонија.
Исто така во Куманово од моите сеќавања живеат сите мои блиски пријатели, во Куманово сега скоро сите си имаат заминато надвор од државата.
Како реагираа луѓето што одамна ги немаш видено кога ќе те сретнат низ Куманово кога ќе им кажеш дека си вратена за да го напишеш својот роман?
Секој на свој начин. Нормално на моите блиски им е многу драго што сум тука без разлика која е причината.
Животот во странство на почеток знае да биде навистина тежок. Низ што сè помина првите години како иселеник во Австралија?
Секој почеток е тежок. Јас заминав во Австралија сама на само 18 години. Како иселеник понекогаш ти се чини дека живото не тече кон тебе туку надоаѓа од сите страни.
Додека го завршував првиот факултет понекогаш работев и по три работи, а учев по цели ноќи. Но брзо запознав многу пријатели од цел свет и се заљубив во природните убавини на овој континент.
Кога би направила паралела помеѓу луѓето во Австралија и Македонците кои се клучните разлики помеѓу нив?
Меѓу луѓето од Австралија и луѓето од Македонија нема многу разлика затоа што дел од нив се и Македонци. Јас живеам во Мелбурн или Наарм – името на градот на јазикот на Вурунџери народите.
Австралија е пост-колонијално општество, чиј суверенитет никогаш не бил отстапен. Освен Вурунцери народите од нацијата Кулин, во Мелбурн сите ние сме иселеници.
А како клучна разлика меѓу нас е огромната почит и поврзаност на Вурунцери народите со својата земја, со природата, а сличности – гостопримството.
Народното творештво е посебно инспиративно за тебе. На кој начин „Водни тела“ е поврзан со приказните, легендите и македонски народни песни?
Искрено, пред да почнам да го пишувам овој роман не му придавав огромно значење на народното творештво. Но многу брзо ми стана јасно дека идеите кои ги обработувам во романот всушност одамна се разработени во нашето народно творештво.
Ние имаме богато наследство на приказни, легенди и народни песни во кои баш меѓуповрзаноста на луѓето и природата е во прв план.
Поради тоа и ми беше доста важно, иако дејството во романот се случува во Куманово, Куманово од романот да го претставува секој град во кој природата и холистичката врска на луѓето со неа исчезнуваат.
Што читаш сега?
Песните на Милена Сиљаноска објавени во „Современост“. „Аб‘т “на Оливер Ќорвезиорвска, „Раскази од минатиот век“ на Виолета Танчева Златева и секој нов ден по еден текст од Медуза, сега пред малку го прочитав „Самовили – танц низ опресијата и слободата“ на Лени Фрчкоска.
Промоцијата на „Водни тела“ е закажана за вечер во 19 часот во Куманово. Колку се важни вакви книжевни настани во град како Куманово?
Промотор ќе биде уредничката и брилијантната поетеса/писателка Милена Сиљаноска, а романот ќе го оживее актерот Теоман Максут. Настанот музички ќе го збогатат Сара Александровска, Дамјан Поповски и пијанистот Јован Цветковиќ.
Истовремено ќе трае и изложба на локални ликовни уметници од ФОРМА Куманово и вонземски талентираниот Антонио – Pig Hands.
Сакав преку промоцијата да ја истакнам важноста и моќта што подржувањето на културната и уметничката сцена го има за една заедница. Поради тоа настанот освен промоција ќе биде и прилика за една меѓу генерациска дружба каде што сите ќе имаме прилика да го искусиме тоа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело