Марија од Скопје: „Пред 20 години се вљубив во Ирец, веќе 10 години имам магична парфимерија среде Даблин“
- Детали
- петок, 25 ноември 2022
„Мојот локал „Парфумарија“ денес е едно мало катче во срцето на Дaблин, за кое се има пишувано низ целиот свет, во реномирани водичи и списанија како како „Lonely Planet“, и „Vogue“ и можам да признаам дека е моја гордост бидејќи е на скоро секоја must visit листа, кога го посетувате Даблин“, споделува Марија Аслимоска за CRNOBELO.com, која пред 20 години на свадба во Англија, го запознала својот сопруг, кој е од Даблин и оттогаш Ирска ѝ е дом.
На Марија Аслимоска од Скопје речиси две децении Ирска ѝ е дом. Љубовта ја одвела таму, но оваа мистична земја со сета своја убавина ја задржала да остане.
Марија веќе една деценија има и свој успешен бизнис, односно е сопственичка на малата парфимерија „Парфумарија“ која е на сите must visit листи на места во Даблин, а за која пишуваше и магазинот „Vogue“.
Работењето со парфеми Марија вели дека е нешто најблиску до магија.
За својот бизнис, но и за животот во Ирска, Марија споделува за CRNOBELO.com:
Што те одведе во Ирска и дали те освои оваа земја?
Пред речиси 20 години, на една прекрасна свадба во градот Оксфорд во Англија, го запознав мојот сопруг кој е од Даблин.
Можам најискрено да кажам дека претходно никогаш не ни помислував дека Ирска ќе биде моето место на живеење и работење. Не беше воопшто на мојот радар на посакувани дестинации за живот.
Инаку, Ирска како земја е прекрасна, но на почетокот за мене навистина беше различна по архитектура, менталитет, природа, храна, култура и начин на живеење на сето она што го познавав дотогаш.
Искрено, ми требаше доста долго време да се навикнам и да ги согледам убавините коишто оваа земја ги нуди.
А дефинитивно ги има многу!
Сега, по речиси две децении живеење овде можам да посведочам дека е земја скоро со идеален лајфстајл, без стрес, и со огромен акцент на сето она што е најважно во животот – семејство, здрав живот, придонес во општеството професионално со вредна работа, но и хуманитарно со давање на помош и поддршка во борбата на оние кои се помалку среќни од нас.
Исто така, Ирците како нација се многу проактивни кон сите глобални прашања и проблеми и тоа навистина ми се допаѓа.
Имаш свој бизнис таму… Како е да се има мала парфимерија среде Даблин?
Она што оваа земја ја прави фантастична е што иако дојдов со многу различна позадина, ме прифати и ми дозволи да си го остварам мојот потенцијал и соништа.
И овде владее американската филозофија на размислување: „Можеш да бидеш сè што ќе посакаш, без оглед на тоа кој си и од каде си“.
Така, дел од храброста, пред 10 години комплетно да ја променам мојата кариера и да тргнам кон остварувањето на мојот сон да бидам парфумер, ја должам на фактот што бев опкружена овде со истомисленици и луѓе полни со ентузијазам за нови идеи и проекти.
Мојот локал „Парфумарија“ денес е едно мало катче во срцето на Даблин, за кое се има пишувано низ целиот свет, во реномирани водичи и списанија како како „Lonely Planet“, и „Vogue“ и можам да признаам дека е моја гордост бидејќи е на скоро секоја must visit листа, кога го посетувате Даблин.
Кога ја отвори парфимеријата, беше ли тежок процесот?
Сега, гледајќи од страна по сите овие години, малку ѝ се чудам на својата храброст бидејќи бев во моите дваесетти години и бестрашноста за отворање мој бизнис во земја непозната за мене тогаш ми беше сосема нормално и не ме заплашуваше.
Денес, веројатно повторно би го направила истото, но со многу повеќе внимателност, истражување и преиспитување на самата себеси.
Процесот за мене не знам дали беше тежок бидејќи бев премногу возбудена додека сето тоа се случуваше.
Работејќи на лого, барајќи локација, избор на брендови, работејќи со дизајнерот за ентериер, јас едноставно бев на седмо небо. Просто уживав и го направив сето тоа со толку многу љубов не оптоварувајќи се со прашања од типот дали ќе успее и дали ќе имам клиенти.
Но, секако не морав да се грижам, си го остварував сонот и кога е тоа во прашање, самата награда прво дојде од тоа сознание, а потоа и финансиски.
Колку жените во Ирска внимаваат на изгледот, следат ли модни правила?
Жените во Ирска внимаваат доволно на својот изглед. Не премногу, но не се пак ниту запоставени.
Не се слепи следбеници на модните трендови, впрочем повеќе се облекуваат лежерно и комфорно.
Посебен акцент ставаат на три работи: исфенирана коса, средени нокти и накит. Во живот не сум видела нација која толку многу сака накит.
Околу самата „Парфумарија“ има најмалку 30 продавници за накит, зборувам само за една област.
Како ти изгледа еден работен ден?
Денот го започнувам секогаш кога можам со 45-минутен тренинг во теретана.
Чувствувам дека по добра сесија вежбање имам повеќе енергија и подобри идеи во работниот ден.
По вежбањето се сретнувам со сопругот на здрав појадок и кафе и сето ова завршува до кај 9:30 часот наутро.
Оттука заминувам дома на освежување по теретана и го започнувам денот со сите негови обврски.
Тоа вклучува одговарање на мејл, правење нарачки, средување на секој еден аспект којшто треба за еден бизнис да може да тече непречено.
Околу 12 часот секојдневно одам во „Парфумарија“ каде што имам можност да се сретнам со вработените и со клиентите. Овој дел од денот ми е многу важен. Сакам да сум во контакт со секој еден којшто доаѓа да работи или да ја посети „Парфумарија“.
Така приближно изгледа мојот работен ден во текот на седмицата.