Марија од Скопје: „Пред 20 години се вљубив во Ирец, веќе 10 години имам магична парфимерија среде Даблин“
Топ 3 правила при избор на парфем…
За парфемот да ви прилега беспрекорно, пред сè – секој треба да се познава себеси доволно и да знае кој е и што му прилега.
Ова не го велам само така напамет, туку вистински верувам во тоа. Бидејќи лесно е да се земе нешто најново, одлично изрекламирано со големата Џулија Робертс насмевнувајќи ви се и велејќи ви: „Животот е убав“, но, дали вам ви прилегаат слатки ноти на карамела, ванила и јасмин?
Затоа првото правило е – знам кој/а сум.
Второ правило, ако така можам да кажам, е – имајте повеќе шишенца парфем, ако можете да си дозволите.
Парфемот е вид на комуникација со надворешниот свет. Научете да го комуницирате флуентно.
Не сме секој ден истата личност. Не сме исто расположени. Не е секој парфем и за лето и за зима. Не е секој парфем соодветен и за работен состанок, како и за романтичен.
Јас имам различен парфем за наутро, имам парфем кој сакам да го шприцнам навечер за во опера. Користете различен мирис и како комуникација и како ваше оружје да освоите, што и да ви е на ум.
Трето правило – ве молам не го оценувајте квалитетот на парфемот по должината на неговото траење на кожата.
Некои од најевтините ноти се најгласните и најдолго траат, додека оние од природата, вистински скапоцените и комплексни траат едвај два часа.
Квалитетот на парфемот ценете го само по емоцијата која може кај вас да ја пробуди. А ако го нема по 3 часа, шприцнете повторно и уживајте повторно сè од почеток.
Зошто си ја обожаваш професијата?
Вистина е дека си ја обожавам професијата бидејќи е уметност, има допир со сите најубави чувства во нас и полна е со емоции.
Работењето со парфеми верувам дека е најблиското нешто како работење со магија.