Дарко Андонов е доказ дека соништата треба да се следат - по 18 години се враќа на Макфест: „Привилегија е да си дел од фестивал“

„Уште од младоста ми беше привилегија да настапувам на Макфест, од деца растевме со таа магија и треба да се цени фестивалската сцена. Имам за цел да правам забавна македонска музика и освен што јас ќе пеам повторно на Макфест, сакам да им помогнам и на сите млади таленти со снимање квалитетна музика во моето студио кое неодамна го опремив“ - вели Дарко Андонов (38) за CRNOBELO.com и говори за магијата на фестивалите, но и за тоа како по целосно различна кариерна патека и со оформено семејство, повторно ѝ се вратил на музиката.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-001.jpg

Дарко Андонов (38) е роден во Штип, но веќе 25 години живее во Скопје, моментално работи во финансискиот сектор како сопственик и менаџер на една од водечките компании за Финансиски консалтинг и сметководство, но љубовта кон музиката уште од 18-годишна возраст го носи до настап на Макфест, а од неодамна поседува и свое музичко студио DAAN Music

За првпат почнал да се занимава со музика на свои 7 години во нижо музичко училиште на сектор клавир, подоцна на 13 години се запознал со гитарата која оттогаш му е примарен инструмент кој најмногу го користи до денес.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-13.jpeg

Во последно време тој повторно посветува поголемо внимание на клавирот заради тоа што почнал да се занимава со компонирање и музичка продукција, за што клавијатурата е неопходна како инструмент, а во последнава година користи и ударни и перкашн инструменти како што се кахонот, различни видови на шејкери и слично.

Сепак, негова најголема љубов отсекогаш е соло пеењето, на кое почнал да посветува најмногу внимание во младоста со неговиот покоен татко кој исто така бил музичар, а по неколку заеднички создадени песни, на свои 18 години, во 2002-та година за првпат се пријавил на Макфест, со композицијата „Песна љубовна“ (чиј автор е Бранка Лиќиќ), со која освои 3-то место. Во 2004-та година повторно се пријавил на фестивалот и со композицијата „Брод за нас“ (во соработка со Ристо Самарџиев и Владимир Дојчиновски-Дојчин) освои 2-ро место.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-02.JPGпримање втора награда на Макфест 2004-та

Во тој период Дарко се фокусирал на студиите и на кариерата во финансискиот сектор и од оваа гледна точка, како што вели, жали што се дистанцирал од музиката.

„Подоцна следуваше и оформување на семејство, се родија моите две близначиња Лука и Лана кои претставуваат моето најголемо животно достигнување“ - вели тој за CRNOBELO.com.

Сепак, 20 години подоцна, со сосема поразлична кариера и со оформено семејство, Дарко повторно се враќа на музичката фестивалска сцена.

На Макфест 2022 (21-22 октомври) ќе настапи заедно со штипското хип-хоп дуо „Како Браќа“, со композицијата „Јас доаѓам“, која има модерен ритам, a чиј автор е Кире Јакимов.

Posted by Makfest on Friday, October 7, 2022

По тој повод, направивме интервју со Дарко за да ни ја раскаже неговата приказна и да ги охрабри сите други, покажувајќи дека кога има љубов и пасија кон нешто, ништо не е пречка, дури и подоцна во животот: 

Како одлучи по 18 години од последниот настап на Макфест и целосно различна професија и кариера во финансиски сектор, повторно да се вратиш на музичките ангажмани и да се пријавиш на фестивал?

Најпрвин да ви се заблагодарам за вниманието и да ве пофалам што овозможувате на македонски автори и музичари да ја раскажат својата приказна и со тоа да се доближат до публиката.

Иако бев долг период надвор од музиката на професионално поле, некако цело време потсвесно и континуирано се јавуваа искри и на крај тој оган мораше да избие.

Така дојде време на пандемија кога некако сите се освестивме дека мора повеќе да си посветиме време на себе и на тоа што го сакаме.

Седејќи еден ден, си реков дека времето кое го имам на располагање мора рационално да го искористам и дека вреди пак да почнам да се занимавам со музика, за што сега веќе сум сигурен дека беше вистинскиот момент.

Во тој период почнав со купување на опрема за музика, како микрофони, аудио картици, миксети и слично и некако за многу кратко време се врати желбата за музика поголема од кога било.

За брз период веќе имав набавено опрема за едно солидно студио и така почнав со реализација на моите идеи.

Во меѓувреме посетував обука за музичка продукција каде се стекнав со Сертификат од реномираната германската компанија Steinberg за програмот Cubase (еден од најпознатите програми за музичка продукција).

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-03.jpgстудиото на Дарко

Ти буди ли носталгија фестивалската сцена и зошто? Која е магијата на фестивалите и зошто во Македонија не се доволно ценети?

Како роден штипјанец, иако веќе 25 години живеам во Скопје, некако уште од мои 5-6 години почнав редовно да го следам МАКФЕСТ како резултат на настапите на бендот на мојот татко кој беше басист, и некако сите во Штип растевме и живеевме околку целата таа магија која ни ја нудеше фестивалот, во тоа време морам да потенцирам дека МАКФЕСТ важеше за еден од подобрите фестивали на Балканот.

Затоа морам да одговорам дека сум длабоко врзан конкретно со овој фестивал.

Во однос на тоа зошто фестивалите не се доволно ценети кај нас, со голема тага морам да кажам дека и фестивалите, како и музиката, како дел од културата се отслика на нашето општество и времето во кое живееме.

Луѓето сѐ повеќе и повеќе забораваат на вистинските вредности, на тоа што е убаво, на тоа што треба да се цени.

Сѐ повеќе се шири злоба и омраза, непочитување на другите околу нас, завист на секој чекор и слично. Мора секој да поработи на себе за да имаме здрава средина, мир, благосостојба.

Мора да почнеме да си ја цениме нашата култура, бидејќи само така можеме да го задржиме нашиот идентитет како нација.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-04.JPGДарко на Макфест 2004

Колку е различен штипскиот фестивал денес од тоа што беше во твојата младост? Колку беше актуелен во тоа време помеѓу младите, што се смени?

Порано беше привилегија да се појавиш на фестивал, меѓутоа целокупната ситуација во музиката е сменета.

Во време на социјални мрежи, музичарите денес имаат многу повеќе опции за промоција на својата музика, иако сметам дека магијата која ја имаат фестивалите никогаш не може да се спореди со некоја промоција на видео и музика на социјални мрежи.

Кажи ни нешто накратко за соработката со „Како Браќа“, за заедничката песна со којашто ќе настапите на Макфест 2022, како ја направивте? Со што се занимаваат браќата и како по 10 години живот во Обединетото кралство се вратија на македонската музичка сцена?

Морам да признаам дека долг период немавме комуникација со „Како Браќа“, секој на своја страна со свои животни планови и предизвици.

Пред околку 7,8 месеци случајно налетавме едни на други и низ муабет сфативме дека имаме доста недовршена работа, некако енергијата која се јави беше пресудна да почнеме повторна соработка.

Морам овде да истакнам дека оваа година е јубилејна и за мене како солист и за „Како Браќа“ на МАКФЕСТ, бидејќи пред точно 20 години за првпат се појавивме на фестивалот како учесници.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-05.jpg„Како Браќа

„Како Браќа“ е хип-хоп дуо од Штип, формирано од двајца браќа Кире и Влатко Јакимови. Дуото е формирано во 1996 година и низ годините се препознатливи по нивниот карактеристичен стил на музика, како и по длабоките текстови. Моментално живеат во Велика Британија каде што работат како инженери.

Континуирано низ годините имаат работено на преку 50 песни, а дополнително имаат учествувано и во многу други проекти.

Вреди да се напомене дека Кире Јакимов работи продукција од самиот старт и има огромно искуство во музичката продукција, компонирање, аранжирање и сл. Има посетувано високо рангирани обуки за музичка продукција во Лондон, каде се има надградено на професионално ниво.

Како автор на песната „Ангели и демони” во 2011 година е победник на МАКФЕСТ.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-06.jpgКире од „Како Браќа“

Освен со пеење, се занимаваш и со компонирање и продукција на музика и песни, а имаш и свое студио, како дојде до оваа идеја?

Да, во овој момент најголем акцент имам дадено на компонирање, пишување тестови и музичка продукција. На најголем дел од проектите работиме заедно со Кире Јакимов (од „Како Браќа“) кој го има искуството на своја страна и некако соработката во овој момент ни оди супер.

Искрено се надеваме на добар краен резултат и на многу нови македонски хитови. Сакам да потенцирам дека работиме и музика којашто ќе се пее на англиски јазик сеѐ со цел да можеме да донесеме еден малку по модерен вајб и со тоа и пласман на нашата музика надвор од државата.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-07.jpg

Кои се твоите планови на поле музика и продукција во блиска иднина? Што си посакуваш?

Нашата крајна цел е да креираме популарна музика со модерен бит која што ќе се носи со времето и ќе има потенцијал да се слуша во и надвор од државата.

Сакаме да се доближиме до младите талентирани музичари на кои им треба помош и поддршка, односно, им треба достапна, а квалитетна музика која би можела да им помогне во нивните кариери.

Дополнително, секако дека повремено ќе работиме и на наши проекти, меѓутоа ќе повторам уште еднаш дека главен акцент даваме на креирање на музика која ќе биде изведувана од млади музичари, а нашата работа ќе може да се следи на Инстаграм и на Фејсбук

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-08.jpg

Од каде талентот за музика? Пееш ли на настани?

Талентот за музика претпоставувам е и наследен, генерално речиси секој во нашата фамилија има барем минимален талент за музика. Татко ми се занимаваше професионално со музика, мојот дедо исто така пееше. Многу често на нашите домашни прослави знаеме да запееме, да засвириме и генерално да се дружиме.

Кога почнав да свирам гитара беше некако неизбежно да почнам да пеам и во тој момент за првпат открив дека имам дарба и талент за пеење. Всушност во тие моменти почнав и да размислувам посериозно за тоа да почнам професионално да се бавам со музика.

Во тој период мојот интерес за музиката и соло пеењето стануваше сѐ поголем и на мои 16 години всушност ги направив моите први две песни со помош на мојот покоен татко кој исто така беше музичар.

Текстот и музиката ги работевме заедно, додека за аранжманот на тие песни беше задолжен нашиот ценет пријател Валентино Скендеровски кој заврши одлична работа.

Во глобала никогаш не сум бил тип којшто се гледа себеси на настапи по кафичи и дискотеки, а искрено во овој момент и времето не ми го дозволува тоа.

Во иднина секако би размислувал за настап на одредени манифестации меѓутоа само кога ќе созрее моментот за тоа.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-09.jpg

Како реагираат твоите деца на твоите песни и на тоа што ќе настапуваш на фестивал? Имаат ли наследено музички ген, ги учиш ли на музика?

Моите деца континуирано се опкружени со музика и доста често знаат и да потпевнуваат дел од музиката којашто ја работам, што претпоставувам значи дека има некој музички ген во нив, а и дека песните кои ги работиме влегуваат во уво ?.

Генерално дома имаме доста инструменти и често знаат да побараат да свират, тропаат и пеат, така што на моменти ни е доста интересно, исто и на комшиите претпоставувам. Хахаха.

За крај сакам да испратам една порака до сите: Слушајте македонска музика, почитувајте ги македонските музичари, не заборавајте да упатите добар комплимент и да дадете подршка, тоа за еден музичар е најголемата награда.

darko-andonov-po-18-godini-na-makfest-12.jpeg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело

фото: приватна архива на Дарко Андонов

Би можело да ве интересира:

Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg