„Бев на гости кај кројачот Ангелковски – ме пречекаа синот и внукот на големиот мајстор Благоја“
Го враќав Борко во времето кога бил дете, но и Горјан исто така и ги терав да се сетат на миговите кога безгрижно трчале во салонот на Благоја, за само некоја година потоа да почнат да го впиваат занаетот кој денес им носи леб на трпезата.
Ми ги покажаа јастучето и напрстокот, стари со децении, па некогашниот ценовник, па оделата кои чекаат да бидат подигнати од страна на клиенти, па ми раскажаа за најспецифичните барања досега од клиенти, од кое последно во низата е жолто сако од лен со сиви панталони.
Mи кажаа дека напрстокот се става на десна рака на средниот прст и дека тоа е добро утро за секој шнајдер на работа и дека без напрсток едноставно не може да се работи.
Исто така, ми го покажаа и камбурот стар децении на кој едноставно е испишана историја.
Ми открија дека тајната се крие во совршениот крој, но и во изборот и набавка на квалитетни материјали, која се прави од Турција и Италија.
Ми се доверија дека се работи по многу часови на ден, од утро, па до мрак, дека често грбот боли и попушта видот, но дека на крајот од денот се исплати затоа што нивните клиенти си одат среќни, а тие си легнуваат задоволни и исполнети.
Колку работата им е љубов говори и изјавата на Борко:
„Во короната немаше работа, не знаев што да правам со себе, работата ме исполнува и одржува, а сега целта ми е само да дочекам свадби, внучиња. Јас сум ја постигнал целта на татко ми кој се борел за мене и сега јас се борам за Горјан.“
За ваквите бизниси со душа ми е мило. Мило ми е за приказните кои траат со години и за кои се молам да траат најмалку уште толку. За оние кои се душата на Скопје.
Мило ми е кога млади и талентирани луѓе како Горјан одлучуваат да се занимаваат со занает и да ја продолжат приказната на своите предци и мило ми е кога некој татко и внук со толкава доза на љубов и гордост раскажуваат за човекот кој им ги поставил темелите за она кое денес за нив живот зрачи.
Постои ли некој кој не знае за кројачот Ангелковски? Верувам вртите во главата во знак на негација.
Така е, култен и легендарен, овој кројачки салон не смее да биде заборавен. Да го цениме тоа што е наше, да не дозволиме годините да фрлат сенка врз него и да му помогнеме само да расте, овојпат во рацете на новите генерации.
Повеќе фотографии од култниот кројачки салон Ангелковски:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело