„Бев на гости кај кројачот Ангелковски – ме пречекаа синот и внукот на големиот мајстор Благоја“
И интересно е што токму додека го правевме интервјуто влезе еден муштерија кој си го подигна оделото скроено по желба од рацете на младиот и талентиран Горјан Ангелковски, кој го учел кројачкиот занает од дедо си, но и се образувал во оваа сфера.
Учел средно училиште за конфекциски техничар, а потоа се дообразувал на еден наш приватен универзитет, но вели дека ги прекинал студиите затоа што веќе знаел сè од лекциите од неговиот дедо.
Тој е горд што неговиот дедо ги поставувал стандардите за совршен крој на одело, а тој е негов наследник.
Клиент, кој случајно дојде во нивниот салон додека бев таму, ми кажа дека некогаш кога бил млад само го оставал материјалот кај легендарниот Благоја, а потоа знаел дека ќе си земе совршено одело и ќе биде веднаш подготвен за на корзо.
Денес, довербата за оделото за свадбата на својата ќерка му ја доверил на Горјан. Малку е да кажам дека си отиде дома повеќе од задоволен.
На прашањето кое им било најтешко барање од клиент, Борко вели дека за нивните вешти раце, особено за рацете на Горјан, нема нешто што е тешко и невозможно, единствено им е тешко кога ќе им дадат прекусо време за правење на оделото.
Не можев, а да не го потсетам Горјан на миговите минати со неговиот дедо:
„Уште како дете од 6, 7 години сум во салонот, се сеќавам дека секогаш ми беше интересно да седам на машините.
Дедо ми беше многу амбициозен, многу принципиелен и многу, многу сакаше да работи. Сметаше дека не постои газда кој седи, туку за газда да се биде мора да се работи вредно и напорно.“
Во кројачкиот салон се задржав повеќе од 2 часа, едноставно многу што имавме да си кажеме со овие пријатни луѓе, а јас на секое ќоше гледав историја и потпрашував за фотографиите од Благоја, за сите тие пофалници и признанија.