Бајковитата свадба на Дарко и Верче од Скопје, со гулаби, прскалки и уникатен бидермаер: „Многу работи направивме сами“
- Детали
- сабота, 27 август 2022
„На поканите имавме восочен печат со нашите иницијали V&D, како и со по едно гранче природно цвеќе, подготвивме стаклена кутија за бурмите во која имаше дрвено персонализирано трупче со нашите имиња и датумот на нашата црковна венчавка 30.07.2022 година, а јас како младоженец имав и манжетни во златна боја, кои исто така беа изгравирани“, открива Дарко Андоновски (29) за CRNOBELO.com за неговата бајковита прослава со Верче Додевска (27).
Дарко Андоновски (29), магистер по односи со јавност и новинар, ја запроси својата партнерка Верче Додевска (27), агроном инженер, на уникатен начин со специјален лет со авион над Милениумскиот крст на Водно, а сега направија и бајковита свадбена церемонија.
Со низа персонализирани детали, многу љубов и насмевки, тие го прославија овој ден.
За CRNOBELO.com Дарко открива детали од организацијата на свадбената церемонија:
„Свадбената церемонија започнавме да ја подготвуваме веднаш по запросувањето, минатата година во месец септември. И двајцата знаевме дека сакаме свадба која ќе ја паметиме ние, но и нашите блиски пријатели со години во иднина.
Само месец дена по запросувањето започнавме да бараме локација и ресторан каде ќе ги реализираме нашите замислени идеи и ќе ги оствариме сите наши желби за кои сме мечтаеле како момче и девојка кои биле во врска претходните четири години.
Ресторанот, можеме да потврдиме дека беше еден од најлесните избори и одлуки, бидејќи немаше ниту една негова конкуренција според нас и веднаш се одлучивме. Во месец ноември за првпат отидовме во ресторанот каде ни кажаа неколку слободни термини, а бидејќи сакавме да биде лето и сите наши роднини и пријатели од странство да бидат присутни го одбравме идеалниот термин за сите, а тоа е средината на летото, односно 30-ти јули.
Со организацијата, со сите детали и идеи кои се зголемуваа од месец на месец, можеме слободно да кажеме дека започнавме од месец јануари.
Во првите неколку месеци од новата 2022 година се погриживме прво да ги подготвиме поканите, како и картичките со нашите имиња и прскалките, кои беа наменети за секој еден гостин. Почнувајќи од поканите, картичките со прскалки, бонбончињата и целиот аранжман во ресторанот се е наша идеја и реализација.
Поканите се уникатно, персонализирано и единствено изработени само за нас, истите ги збогативме со восочен печат со нашите иницијали V&D, како и со по едно гранче природно цвеќе.
Исто така, и картичките со прскалки се изработени според нашата замисла и идеја и истите ги подготвивме уште во месец март.