Дороти Пачкова oд Скопје: „Зошто дојам јавно и го поддржувам доењето во јавност?“
- Детали
- сабота, 18 јуни 2022
„Минатата година, на постпородилен одмор на нашето, моето и на мојот партнер, омилено крајбрежје доживеав толку грозни искуства, осудувачки од страна на мажи, што буквално добив препораки да си се вратам дома додека дојам по што нивните деца се мотивираа да фрлаат буквално со камења по мене и моето бебе Ноа кое во тие мигови цицаше…“, раскажува Дороти Пачкова (37) од Скопје за нееманципираноста и нечовечноста со која се судрила.
Дороти Пачкова (37) од Скопје е активистка за правата на девојките и жените, магистер, родова експертка, мајка на Маркијан (9) и Ноа (1) и во очекување на најмалата принцеза за која сè уште се преговара жестоко за име.
Дороти вели дека е мајка и на четвороношците: 4-годишната сијамка Шапица, која сега (јуни) ќе слави роденден заедно со Ноа и новороденката јорки Хани.
Таа на својот Фејсбук профил постојано објавува фотографии од доење во јавноста, па со неа проговоривме на оваа тема, со цел поткревање на јавната свест.
Дороти за CRNOBELO.com на тема доење во јавност вели:
„Доењето во јавност го поддржувам како едно од основните конфирмации за нашите женски биолошки репродуктивни права, воедно и како признавање на моќта врз сопствените тела во предизвикувачката доминантно машка јавна сфера.
Доењето во јавност, не само што ги задоволува потребите на бебињата, туку и во јавноста отвора простор за женското тело во сиот свој капацитет и цут. Јавното доење е неприкосновено право на секоја жена кое не смее да биде социјално санкционирано, туку напротив, треба да е поддржано и мотивирано.
Светските кампањи за подигнување на свеста за доењето во јавност, апелираат за бенефициите и добробитите кои доењето ги прави кон бебињата, но и кон здравјето на мајките, посебно во зацелувачкиот период од „четвртиот триместар“ за кој сè уште толку малку се зборува.
Како мајка, која е во очекување на своето трето човечко дете, со искуството во доење стекнато со моите први две дечиња, можам да потврдам дека авантурата „доење во јавност“ ме почестила со безброј убави мигови, ме растеретила од огромен стрес, овозможила слободно да се движам јас со моите деца, додека пак микропридонесите кои импактираат директно на нас како личности, на мене и моите доени бебиња се неисцрпни.
Светската здравствена организација и УНИЦЕФ препорачаа земјите да спроведат национална политика за доење, која вклучува најмалку четири основни компоненти:
1. Политиките треба да ги поттикнат мајките да почнат да дојат веднаш по раѓањето
2. Политиките треба да ги поттикнат мајките да дојат исклучиво шест месеци
3. Политиките треба да ги поттикнат мајките да дојат до 2-годишна возраст и повеќе
4. Политиките треба да ги имплементираат Десетте чекори за успешно доење.