Дороти Пачкова oд Скопје: „Зошто дојам јавно и го поддржувам доењето во јавност?“
Како родова консултантка и истражувачка на родово сензитивни теми како оваа, не можам да не забележам како во нашата земја не се поттикнува и мотивира доењето во јавност, што мене ми укажува само на фактот, кои типови на политики се приоретизираат.
Па, така на пример согледувам дека за нашата држава е многу поважно да функционираат политиките за пазарот на трудот, отколку женските политики за јавно здравје под кои припаѓа и доењето кое е биокултурна активност, па мора да се воспоставува од најрани денови на доаѓање на свет на бебињата.
Оттука, еве моја лична поддршка кон постигнување на режимот на благосостојба како примарен показател за нивото на земјата и народот, и посветеноста на неплатената работа на жените, која ја обезбедува потребната структура во недостаток на општествена структура, за да можат мајките да дојат без при тоа да бидат општествено исфрлени, без да излегуваат од пазарот на трудот и/или и да бидат социјално дистанцирани и осамени.
Доењето во јавност, во моето секојдневие донело повеќе убави спомени и спремна сум за уште безброј магични моменти, но нечесно би било ако не спомнам и за неубавите искуства.
Па, така, кога првпат станав мајка, тукушто породена, кога собрав сили да излезам на маалска прошетка, мислев дека морам итно да се вратам дома кога на пример ќе ми се приодеше во тоалет, што е честа појава кај тазе породени мајки. Со моите 26 тогаш години, не можев да се соочам со сопственото тело и перцепцијата кон него од страна на околината во прво време.
Како ги реприоретизира работите мојот ум, така учев да живеам со сè што сум, како жена, но и веќе како мајка и почнав да уживам во доилачката улога на мојата прва љубов Маркијан.
Веќе во второто доенечко искуство стапив многу позрела и буквално, десет години подоцна, не само што не се враќам дома за доење, туку го славам секој миг кога моето тело го одржува во живот моето чедо, паралелно создавајќи нов живот во мене.
Сепак, минатата година, на постпородилен одмор на нашето, моето и на мојот партнер, омилено крајбрежје, каде двајцата сме пораснати на летувања и зимувања, каде сме соседи од пелени по викендарење, доживеав толку грозни искуства, осудувачки од страна на мажи и жени кои се ладеа покрај вода, што буквално добив препораки да си се вратам дома додека дојам по што нивните деца се мотивираа да фрлаат буквално со камења по мене и моето бебе Ноа кое во тие мигови цицаше, а кутрето извадено од памет го разнесе столчето на кое беше закачено со поводникот за да драмата на нееманципираноста и нечовечноста биде незаборавна.
Заради ова и сличните искуства, кои јас колку и да сум генерално силна и привилегирана, ги искусувам од позиција на кревкост – каква што е бременоста, доењето и комплетната самостојна грижа за бебиња и деца, без вклучено „село за издигање“ ми е аларм број еден по кој треба да се реагира како држава, преку државните апарати и политики пред сè, но и културолошки да се влијае на свеноста на широката јавност.
Доењето како волшепство на постоењето, не само што не треба да се крие во „соби за доење“, туку треба да се прославува со сета животна радост, а мајките да бидат поддржани и разбрани во оваа нежна фаза од човекувањето.
Па, така јас се спремам за тандем доење на моите бебиња, по кое искуство верувам ќе имам за споделување уште многу, многу нови, повеќе љубовни доживувања. Воедно сум инспирирана, преку мрежата „ЈУНАЈТЕДФЕМ“, каде сум директорка и преку веќе добропознатата организација со која раководам „Една може!“, да работам и на оваа есенцијална тема за сите нас.
Финалната цел, не е само постигнување на родова еднаквост и еднакви можности, туку и на живот и меѓучовечки односи кои водат кон благосостојба низ постоењето.
Со љубов, за секоја една да може“.