Кристиан Шопов - најпознатиот македонски магионичар: „На првите настапи децата ми ги украдоа реквизитите за да ми направат трик“
- Детали
- четврток, 12 мај 2022
„На еден од првите настапи, по претставата се случи децата на мене да ми направат магија да ми исчезнат реквизитите, а неколкупати ми се случило да згрешам, без публиката да забележи“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Кристиан Шопов, најпознатиот македонски илузионист кој редовно подготвува занимливи претстави за сите генерации.
Кристиан (34) е роден во Измир, а формално образование завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ при Економски факултет - департман маркетинг.
Неговите проекти досега биле наградувани, па така во 2020-та година за проектот „Хокус покус рециклирањето е во фокус“ ја добил наградaтa Energy globe award, а во 2018-та година Social Impact Award.
Во интервју за CRNOBELO.com Кристиан открива како кај него се родила желбата да се занимава со магионичарски трикови и како успева да изгради успешна кариера благодарение на љубовта и посветеноста на работата.
Тој открива како изгледа постојано да се работи со деца, а и со возрасни, споделува интересни случки од гостувањето на роденденските забави, но и за тоа во колкава мера неговите настапи имаат промотивен и едукативен карактер.
Кога започна да се занимаваш со магионичарски трикови?
Волшебното патување започна на крај од седмо одделение во Србија, на посета на роднини во градот Кикинда, кога тетин ми ме запозна со локален магионичар кој ме научи еден трик со 4 карти и тие карти беа всушност картите за волшебниот воз кој ме вози сѐ уште во светот на илузиите.
Како се роди тој интерес за магионичарските трикови и кои карактерни особености треба да ги поседува еден човек за да биде успешен илузионист?
Уште од најрана возраст бев восхитен од илузионистите кои ги гледав на телевизија особено од илузионистот Дејвид Коперфилд.
Потребно е да се има упорност, посветеност, самомотивација, самокритичност... Впрочем особините се исти за успех во било која област.
Колку претстави обично имаш дневно и дали се тоа само изведби за роденденски забави или гостуваш и на други места?
Бројот на претстави варира. Најчесто настапувам на роденденски забави, но настапувам и во казина, промотивни забави...
Со магионичарски трикови на штанд на една фармацевтска компанија промовирав кардиолошки и психијатриски лекови, а магија користев во едукација на деца да селектираат отпад.
Проектот за едукација на деца да селектираат отпад го финансираше компанијата „Пакомак“ и се состоеше од едукативна претстава која ја изведов во основни училишта во Скопје и во 6 други градови низ земјата. Претставата ја видоа над 50.000 деца.
Кои од твоите трикови се најомилени кај децата, a кои кај возрасните? Дали имаш препознатлива точка што тие веднаш ја бараат од тебе?
Децата триковите ги разбираат како игри и ако некој трик особено им се допаднал, кога ќе ме видат на друга забава го бараат истиот тој трик.
Ако возрасните во кафеана може да си нарачаат песна, и децата може да си нарачаат магија. Немам препознатлива точка.
Децата всушност најмногу ја сакаат презентацијата на магионичарските трикови, а помалку самиот трик. Доколку презентацијата ги насмее и забавува тогаш ќе го сакаат и трикот.
Секој трик доколку се зачини со забавна презентација која изобилува со хумор ќе биде омилена кај децата.
Дали ти се случила некој непријатност со деца на роденден, можеш ли да ни раскажеш некој таков настан?
На еден од првите настапи на детски родендени кога немав искуство, се случи по претставата децата на мене да ми направат магија да ми исчезнат реквизитите, така што едно дете зема една кутија и бегаше на една страна, друго дете зема марама на друга страна и откако децата го видоа збунетиот магионичар кој беспомошно се обидува да си ги врати реквизитите, во истиот тој момент сите деца се фрлија на масата и земаа сѐ.
Се разбира ова тие го доживеаја како игра.
Сѐ што прават децата е игра и нема лоши намери без разлика како и да ни изгледа тоа на нас возрасните.
Дали некогаш ти се случило да згрешиш за време на изведбата на точката, па публиката да открие во што се состои трикот?
Ми се има случено неколкупати. Не е страшно да се случи грешка. Впрочем здодевно е да бидеш совршен.
Главната поента кога ќе се случи грешка е да направиш така да не изгледа дека грешка се случило и гледачите ќе мислат дека така требало да биде.
Што би им порачал на сите што еден сакаат да се занимаваат со оваа професија?
Ако знаете што сакате одете и земете си го тоа. Ова се однесува на било што во животот.
Б. С. Б. | Црнобело