Диџеј Мац: „На журки ми бараат песни од Ерзана и Врчак“
- Детали
- понеделник, 15 јануари 2024
Крајот на 2023-та на музички план го одбележаа забавите со домашни хитови кои диџеј Мац почна да ги организира во Скопје. Тој вели: „Ја враќаме македонската музика на забавите“ и направи журки на кои пееја Тони Зен, Ламбе, Сара Мејс...
Марјан Петровски (38) кај македонската публика е познат како диџеј Мац, човекот кој повеќе од 20 години ги прави едни од најдобрите хип-хоп забави во земјава.
Но, од неодамна тој организира и забави со македонска музика, каде што не само што пушта домашни хитови и евергрини, туку пеат и наши музичари - Ламбе Алабаковски, Тони Зен, Сара Мејс и други.
Мац вели дека тоа што негов фокус во моментов е македонската музика не значи дека ќе се откаже од хип-хопот, кој му е секогаш на прво место.
„Ова што го почнав со македонските изведувачи и музика е само дел од она што јас го сакам, а го почнав и поради тоа што ги почитувам нашите македонски музичари и тоа што го работат долги години“, вели Мац за CRNOBELO.com.
За тоа како изгледаат забавите со најголемите македонски хитови и како реагира помладата публика на песните со кои растеа претходните генерации, Мац ни раскажа во интервјуто:
Од каде потекна идејата за забави со домашна музика? Колкав е интересот на публиката за забави на кои ќе има само македонски хитови, од кои повеќето се ретро, од 1990-тите и 2000-тите?
Интересот е доста голем, а тоа се покажа по големиот број резервации кои ги имаме за секоја забава.
И мора да напомнам дека поголемиот дел од гостите кои доаѓаат на овие забави се од постарите генерации, луѓе кои растеле со оваа музика.
Идејата, пак, потекна од забавите што ги правам со години и реакциите што ги гледам кога ќе пуштам нешто домашно.
Па така, си реков, ајде да уживаме цела вечер во македонска музика.
Така и ми дојде идејата да се договарам со нашите изведувачи да пеат на овие забави и заедно да направиме уште подобра журка.
Досега имавме настапи заедно со Ламбе, Тони Зен, Сара Мејс, а договорени се и забавите со Маја Гроздановска Панчева и Јана Спирковска.
Но, не застануваме тука, туку во оваа 2024-та ќе продолжиме со нова програма.
Ги знаат ли младите ретро песните или за нив пушташ понови хитови?
Помладите ги знаат актуелните македонски хитови, песните од Јован Јованов, Ерзана, Врчак, но тоа не значи дека не ги учат и постарите хитови од Верица Пандиловска, Кристина Арнаудова, Арчи, Ребека и други.
Но, за помладите е поактуелно она што е создадено во поново време.
А на чии песни реагираат најдобро?
Најмногу се реагира на песните од Врчак и Ерзана, дури и Елвир Мекиќ, па често доаѓаат и бараат песни токму од нив.