Урбан лик: Марјан Петков - стоматолог, сноубордер, вљубеник во Веспа и посветен сопруг и татко
- Детали
- среда, 16 февруари 2022
Шармантен, ведар и комуникативен, вистински професионалец на полето на стоматологијата и човек кој на пиедесталот го става семејството… Марјан Петков (44) е стоматолог со впечатлив моден стил, чиј заштитен знак е Веспата, а огромна љубов му се фитнесот и сноубордингот. „Станувам рано во 6 часот пред децата и сопругата …“, ја почнува својата приказна Марјан, вработен на Стоматолошкиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за CRNOBELO.com.
Некои луѓе едноставно се инспирација со начинот на кој го водат животот, а Марјан Петков (44) од Скопје е токму таков.
Тој е вљубеник во својата професија – стоматолог, но и вљубеник во животот. Обожава да патува, да ужива во мигот и работите да ги прави со насмевка.
Од спортување до возење на Веспа и сноубординг, има различни видови на хоби и забава, а сепак најмногу од сè ужива во миговите минати со семејството.
Тој е специјалист по стоматолошка протетика и доктор на науки по протетика.
Работи како стоматолог – Научен Соработник на Стоматолошкиот факултет веќе 20 години, а енергијата ја црпи од семејството, односно сопругата Сања, со која е 8 години во брак, и двете прекрасни дечиња, Ристо (6) и Дамјан (4).
Со него поразговаравме околу неговата професија, начинот на кој го води животот и што го исполнува најмногу.
Марјан за CRNOBELO.com на тема својата професија открива:
„Ја работам оваа работа бидејќи ме исполнува, бидејќи ја сакам и сакам да создавам здрави, убави и трајни насмевки, сакам да едуцирам кадар и да бидам дел од образовниот процес на младите кадри.
Вели дека во животот водилка му се две работи: „Смислата на животот е животот со цел. Да се открие, а потоа да се оствари своето животно дело – носи постојано исполнување!“ – Робин С. Шарма и „Добрите луѓе постојано работат на себеси“ – Конфучие.
„Утрото го започнувам со чаша цеден сок и добра мисла. Станувам рано во 6 часот пред децата и сопругата, тоа е време за мене за да го започнам денот релаксирано, да се подготвам за дневните обврски. Тоа е навика која ми остана од времето кога го пишував докторатот, без разлика дали е викенд или одмор и сè уште ја практикувам.
Читам книги секогаш кога имам слободно време, вежбам континуирано 30 години и секако внимавам на исхраната.
Ако говориме за активно занимавање со спорт тогаш тоа би било 17 години со фитнес, од секогаш сум бил хиперактивен, како помлад повеќе време поминував во фитнес салите, но сега повеќе ме привлекуваат спортовите надвор – возење велосипед, бордање и возење на wakeboard, секако секогаш наоѓам време и за фитнес, барем 3-4 пати неделно.“